Во рамките од Првата лига во групата А, во салата „Јане Сандански“ се сретнаа Работнички и велешки Борец, а на крајот се радуваше скопскиот тим кој запиша победа со 27:25.
Изедначена игра гледавме се до последните десетина минути од првиот дел кога нападот на Борец застана, а Работнички започна да прави предност. Без гол велешкиот тим беше од 21 до 29 минута и во тој период Работнички поведе со 12:8. Кризата на Борец ја прекина Кирил Миленков пред крајот на првиот дел. За Работнички, Димевски беше одличен во овој период и од 13 гола во првиот дел постигна дури шест (13:9).
Вториот дел започна ефикасно набрзина видовме четири гола, Работнички постигна три, Борец еден па предноста беше зголемена на 16:10. Таа мини-серија која ја направија во овие први минути од второто полувреме Работнички ја одржуваше во текот на цело второ полувреме, се што успеа Борец беше само да го ублажи поразот.
Најефикасни во редовите на победничкиот тим беа Стефан Чакалиќ со девет гола и Димевски Давид кој на шесте гола првиот дел додаде уште два. Кај Борец Борис Ристовски постигна пет гола, а Јован Атанасовски четири.