Цирар: Дојдов во Охрид поради одличните услови и европските амбиции

Екипата на Охрид пред продолжението за вториот дел од сезоната 2022/23, се активираше на трансфер пазарот и во своите редови донесе неколку квалитетни засилувања, кои што треба да му помогнат на тимот во остварување на зацртаните цели.

Еден од новите ракометари е десното крило од Словенија, Гал Цирар кој во Охрид дојде со епитетот најдобар стрелец од словенската лига во последните три сезони.

Довчерашниот ракометар на Јерусалем Ормож истакна дека квалитетот на македонската лига, како и големите амбиции на Охрид, биле причина да потпише за тимот на Горан Андоновски.

„Се заблагодарувам на управата на Охрид што ми дадоа прилика да дојдам овде. Играв девет години во словенската лига, па решив дека е време за нов предизвик во кариерата и да се пробам во некоја друга лига и земја. Ги одбрав Охрид и Македонија бидејќи овде лигата е се појака и појака. Од овдешните тимови ги знам само Еурофарм Пелистер, Вардар и сега Охрид, но од она што ми го имаат кажувано лигата е навистина многу квалитетна. Ги знам Бојаниќ и Шешиќ со кои имам претходно играно заедно и кои ми кажаа добри зборови за клубот, за условите, така да и тоа што знаев некого тука беше пресудно при мојата одлука“, изјави Цирар.

Тој се надева дека со неговите нови колеги ќе остварат добри резултати во плеј-оф фазата.

„Се надевам дека ќе имаме добри натпревари и дека ќе постигнеме што подобар резултат. Од тоа што знам мислам дека сме доволно добри да се бориме за првите четири места. Ќе одиме од натпревар во натпревар, во секој да дадеме и до 150 проценти од нашите можности, и да пробаме да стигнеме до победа на секој од нив“, заврши Цирар

Охрид во наредните пет недели интензивно ќе се подготвува за продолжението на првенството, период во кој ќе бидат одиграни и неколку контролни натпревари.

Клубот за пролетниот дел од сезоната ги ангажираше и Стефан Дрогришки од Тиквеш, како и репрезенаттивецот на Турција, Ерај Каракоч.

ОФИЦИЈАЛНО: Охрид се засили со најдобриот стрелец во словенечкиот шампионат!