Екипите на Вардар и Металург одиграа без победник 25:25 во натпревар од првото коло од плеј-оф фазата во Женската лига. Иако Металург на полувреме имаше четири гола предност, сепак, ракометарките на Вардар се вратија во второто полувреме и се изборија за голем бод.
Двете екипи во плеј-оф фазата влегоа со по 12 бода, заедно со Чаир, додека актуелниот шампион Ѓорче Петров пренесе 18 бода, а Куманово, кој денес триумфираше над Овче Поле СУ во моментов има 12 бода.
Тренерот на Вардар, Александар Царчев по натпреварот истакна дека неговите избранички одиграле различно во двете полувремиња.
,,Јас не сум задоволен од првото полувреме. На девојките им реков дека на вакви дерби натпревари победува таа екипа која повеќе ја посакува победата. Во првиот дел не одигравме добро во одбраната, не се боревме, немавме квалитетни фаули. Во нападот исто имавме повеќе индивидуална игра, но во второто полувреме одигравме квалитетно. Сепак, повторно имавме некои киксови каде што требаше да го валоризираме тој труд што го дадовме во второто полувреме, бидејќи одигравме одлично и промашивме некои топки, кои реално не се промашуваат. Реално, овој освоен бод не оддалечува од борбата за титулата, но ние оваа сезона имаме за цел да избориме подобар пласман од ланската сезона, да бидеме 2 место или евентуално 3 место и да играме на Ф4 турнирот од Купот, па да пробаме нешто на Купот. Секогаш се овие први натпревари тешки, јас денеска имав страв, чуствував несигурност дека нема да одиграат како што треба…Подобро е што не изгубивме, бод си е бод”, изјави Царчев.
Вардар во второто коло за ривал го има актуелниот шампион Ѓорче Петров.