По завршените квалификации во италијанскиот град Чиети, уште две репрезентации од европскиот континент обезбедија пласман на младинското СП што ќе се игра во Германија и Грција.
Хрватска и Полска ги освоија првите места во двете квалификациски групи и им се приклучија на досега пласираните домаќини, како и најдобрите десет од младинското ЕП 2022 – Данска, Фарски Острови, Франција, Унгарија, Исланд, Португалија, Србија, Словенија, Шпанија и Шведска.
Четири преставници има Азија – Бахреин, Јапонија, Кувајт и Саудиска Арабија, четири од Африка – Алжир, Ангола, Египет и Тунис, четири од Централна и Јужна Америка – Бразил, Аргентина, Чиле и Костарика, како и САД и Куба, кои од доаѓаат од Северна Америка и Кариби.
Австралија го освои ИХФ трофејот во зоната Океанија кај младинците и обезбеди второ учество во историјата на Мундијалот, па остануваат уште три слободни места. Едно ќе оди за победникот на ИХФ Интерконтиненталниот трофеј што ќе се игра од 14 до 18 март, додека две места, ИХФ ќе ги додели веројатно како вајлд-карти.
Светското првенство ќе се игра во Германија и јужниот сосед на Македонија од 20 јуни до 2 јули, а за првпат во оваа категорија кај мажите ќе има 32 учесници.
Младинската селекција на Македонија може да се надева само на вајлд-карта, но таа тешко ќе ја добие, со оглед на тоа што има многу други репрезентации се рангирани повисоко, а не обезбедија пласман како Израел, Италија, Норвешка, Чешка, Црна Гора…
Нашите младинци имаа шанса тоа да го сторат преку ЕХФ шампионатот во Варна, односно да обезбедат квалификации за СП, но со оглед на тоа што РФМ таму испрати кадетска селекција засилена со тројца младинци тоа не беше можно…па генерацијата на Теодор Тодески, Божидар Илиески, Михаил Иваноски, Марко Митев, браќата Павле и Петар Атанасијевиќ, Емилијан Ѓорговски….остана ускратена евентуално да се избори за квалификации, а потоа и за место на СП и уште многу натпревари што ќе им беа од голема корист во нивните кариери.