Храбриот Вардар му пружи отпор на Рајн Некар, но со втор пораз ја заврши евро-одисејата!

Ракометарите на Вардар загубија вторпат од германскиот Рајн Некар Левен, овојпат со 37-33 и го завршија настапот во Лигата на Европа за оваа сезона. Вардарци парираа во текот на целиот натпревар, во првиот дел водеа со плус два, во вториот дел имаа и реми, но и вторпат останаа со празни раце.

Натпреварот се играше гол за гол во првите десетина минути до 5-5, пред Георгиевски од контра и Николиќ да врзат два гола по грешката на Кнор, па Вардар првпат поведе со два гола разлика, 7-5.

Беше и 8-6, но следуваше пад во играта на момците на Недановски. Промаши Николиќ на два пати, згреши и Јасухира, па бундеслигашот со серија од четири гола по ред, успеа да се врати во игра и да поведе со 10-8.

Имаше Рајн Некар и плус четири, 15-11, но вардарци не се предаваа и беа упорни во обидот да се вратат победнички од Германија. Беше 16-14, најпрво Срдановиќ од пенал намали на минус еден.

Потоа Андерсен стрелаше во голот на Томовски за 17-15 на две минути до крајот, а Јагуриновски и Николиќ се погрижија за реми, 17-17. Имаше кратко време за напад на домашните, кој не беше искористен и со нерешено се замина на пауза.

На стартот на вториот дел погоди Николиќ за водство, 18-17, но следуваше серија од три гола на Рајн Некар за 20-18. Германците одржуваа предност од еден или два гола, но Вардар секогаш се враќа во игра.

Лазаревски израмни на 25-25, беше и 26-26, пред „лавовите“ да ја потврдат победата откако стигнаа до четири плус, 32-28 на пет минути до крајот. Вардарци се обидоа да намалат дел од негативата, но немаше време за нешто повеќе од достоен пораз.

Уште една одлична партија за Вардар имаше Милан Лазаревски со седум гола од седум обиди, додека по шест постигнаа Јагуриновски и Петриќ, а голманите Томовски и Гогов имаа вкупно седум одбрани. Кај Рајн Некар Левен се истакнаа Закаријас, Колбахер и Андерсен со по седум гола.