Металург по трите одиграни средби во Суперлигата, им се враќа на обврските во Лигата на Европа.
Тимот од Автокоманда утре ќе го одигра заостанатио натпревар со незгодниот австриски тим Фајверс, кој изненади многумина со пласманот во групната фаза.
Десното крило Златко Хорват очекува победа над Фајверс, но ако тој и неговите соиграчи бидат на највисоко ниво.
„По два карантиина веднаш почнавме со силен ритам, играме секој втор ден натпревар. Фајверс е една добро составена екипа. Трчаат многу сите 60 минути и тоа е нивната најсилна страна. Ние ако успееме тоа да го исконтролираме и не им дозволиме лесни погодоци тогаш мислам дека можеме да очекуваме бодови, ако не тогаш тие ќе не надиграат. После сè ова навистина е тешко да се предвиди што би се случило. Ние поради оваа ситуација не можевме ниту нормално да тренираме ниту да играме ниту пак да се воиграме. Ќе видиме што ќе биде. Најважно е секој да го даде својот максимум, кој колку може, па ако тоа биде доволно за победа, ќе биде супер. Сигурно дека можеме да победиме ако бидеме на највисоко ниво, но сега тоа е навистина тешко да го изреализираме, како што реков, поради тие два карантини за месец и половина. Тоа навистина е голем проблем, но таква е ситуацијата, мораше да го поминеме и тоа. Се надевам дека успеавме да фатиме каков таков ритам во овие неколку дена и што подобро да се подготвиме за нив“, изјави Хорват.
Натпреварот меѓу Металург и Фајверс се игра утревечер од 18:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“.