Ракометарите на Еурофарм Пелистер освоија голем бод на гостувањето во Швајцарија откако со гол во последната секунда, Јосип Периќ ги постави конечните 28:28 откако во еден период негативата беше и осум гола.
Од почетокот натпреварот во многу наликуваше на играта прикажана против Ним минатиот вторник. Високи 0:5 за осум минути игра и прв гол дури во 9. минута кога веќе негативата беше превисока и мораше постојано да се брка негатива.
Иако се влезе во подобар дел од средбата, сепак, во 20. минута негативата беше највисока. Кадетен стигна до осум гола разлика и резултат од 12:4 што значеше дека мора да се зголеми темпото на играта и да се направи обид да се дојде до подобар резултат.
Она што беше пропуштено во првите 20 минути малку се надомести во продолжение од натпреварот. Грешките беа намалени, па беше одиграно подобро. Имаше мал приклучок, но на одмор се замина со резултат, 11:16.
На почетокот на второто полувреме негативата одново се искачи до осум гола. Резултатот од 12:20 во 37. минута беше најава за нов пораз, но тука како да следуваше будење на ракометарите на тимот од Битола. Со серија од 4:0 за пет минути се дојде до 16:20 и се влезе одново во натпреварот.
Имаше време за да се фати целосен приклучок и да се направи обид да се дојде до шанса за добар резултат во финишот. На ова се надоврза и Кизиќ со некоја интервенција во моменти кога беше најпотребно. Во 49. минута се дојде до 20:22, а имаше напад и за еден гол негатива што не беше искористен.
Сепак, се влезе во интересна завршница. Негативата постојано беше два или три гола.
На две минути до крајот Хербургер беше исклучен, а тоа се случи при резултат 26:28. Тука Велковски искористи шанса и дојде до погодок за 27:28 и шанса за возбудлива завршница односно максимално интересни 100 секунди.
Во моменти кога нападот на Кадетен беше пред крај и топката требаше да им биде одземана, Танкоски не се одалечи доволно од играчите на противникот за да биде изведен ударот од девет метри, па го исклучија и Швајцарците добија нов напад. Сепак, после тајм-аутот во игра влезе играч повеќе и добија уште еден играч помалку и им беше одземана топката, па Еурофарм Пелистер доби шанса за напад за реми.
ЛИГА НА ЕВРОПА – ГРУПА Д
ТАБЕЛА