Црногорскиот ракомет во овој период е една од главните теми во регионот, посебно така беше случај на Европското првенство во јануари, а сега ни пристигнува вест од клупскиот ракомет во оваа земја.
Имено, црногорскиот тим Будуќност успеа да се пласира во полуфиналето на домашниот куп и ова немаше да биде некоја вест која привлекува посебно внимание ако не се знае дека тимот е без тренинг од – 11 декември!
Ракометарите на Будуќност се обратија на јавноста и порачаа дека стапуваат во штрајк затоа што управата не им ги исплаќала платите кои се во просек од 100 евра. И за работата да биде уште повеќе тажна од тогаш ситуацијата не се поместила од „мртва точка“. Но и во таква ситуација тие се во полуфиналето на купот.
Последен пат тренираа на 11-ти декември меѓутоа покажаа какво срце имаат и после подоброто изведување на пенали го победија Брсково со 29:28. Херои се сите играчи на тимот, а точка стави Никола Липовина кој застана на голот во завршната серија и одбрани пенал на Борис Савиќ.
Будуќност така вторпат во низа се избори за пласман на финалниот турнир на Купот на Црна Гора, а на 20 мај ќе играат против победникот од мечот Рудар и можеби ќе направат чекор напред во однос на минатата сезона. Сепак и со право се поставува прашањето дали клубот воопшто ќе постои до тогаш.