Ф4 на Куп на Македонија – Куманово: Еден натпревар на кој нема поправен, надеж за нов трофеј

Поранешниот шампион на Македонија, Куманово, во ланската сезона имаше слабо издание во Купот. Куманово веќе во полуфиналето беше елиминиран од Металург и сезоната ја заврши со две загубени титули.

Сплет на околности, во овогодинешното издание на Ф4 турнирот во Купот кај дамите, Куманово обезбеди директен пласман во финалето, откако неговиот ривал во полуфиналето Металург се откажа од настап поради финансиски проблеми.

Куманово во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Ѓорче Петров и Вардар. Тренерот Славиша Димитријески истакна дека Ѓорче Петров е во блага предност пред Вардар, но исто така старо-новиот шампион на Македонија би бил под голем притисок да обезбеди ново финале.

,,Секој противник го анализираме, респектираме и се подготвуваме за истиот. Јас секогаш тргнувам од мојата екипа и се фокусирам истата да прикаже добри перформанси и убав ракомет, а со тоа резултатите се со позитивен исход. Во единственото полуфинале од купот на Македонија се Вардар и Ѓорче Петров, две добри екипи кои заслужено се во Ф4 завршницата. Неблагодарно е да се коментира која од нив е фаворит или не. Можеби на хартија и во досегашниот тек на првенството, екипата на Ѓорче Петров е во блага предност, но воедно и со поголем товар и притисок да обезбеди победа и пласман во финалето. Сепак, ова е Ф4, еден натпревар за кој нема поправен”, изјави Димитријески.

Екс шампионот на Македонија не успеа во оваа сезона да ја врати шампионската титула, но се надева на враќање на Куп трофејот. Куманово за последен пат се радуваше на трофеј во Купот во сезона 2020/21.

,,После ланската сезона, каде го изгубивме домашното првенство и Купот, оваа сезона требаше да биде корекција и враќање на изгубеното. Но не секогаш амбициите и зацртаните цели се остваруваат, па така сегашниот систем на натпреварување, резултатите и епилогот од првата полусезона не оддалечија од првото место во првенството. Успех за Куманово е тоа што успеавме да се консолидираме во втората полусезона од првенството, што сме дел од Ф4 купот на Македонија и се надевам дека ќе го вратиме трофејот повторно кај нас”, заврши Димитријески.

Денешното полуфинале меѓу Ѓорче Петров и Вардар ќе се одира со почеток од 20:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид. Финалето кај дамите е закажано за в сабота, со почеток од 15:00 часот.