Екс селектор на Франција го презема кормилото на Иври!

Францускиот суперлигаш Иври во продолжението од сезоната ќе биде предводен од француската легенда Дидие Динар.

Клубот, кој ќе се бори за опстанок во најквалитетното натпреварување во Франција, официјално ја објави соработката со поранешниот француски селектор.

Раководството на францускиот суперлигаш поради слабите резултати во првиот дел од сезоната одлучи да го раскине договорот со довчерашниот тренер Себастијан Кентале.

Динар во својата тренерска кариера беше предводник на репрезентацијата на Франција во периодот од 2016 до 2020 година.

Искусниот стратег потоа ја водеше селекцијата на Саудиска Арабија со која освои бронза на азиското првенство, во неговиот стручен штаб на оваа репрезентација беше и Македонецот Александар Царчев.

Со таа освоена бронза Саудиска Арабија обезбеди пласман на Светското првенство 2023.

Иври првиот дел од сезоната во шампионатот на Франција го заврши на 14. позиција, со биланс од само три победи, две реми и 10 порази.