Франција и Исланд лесно запишаа планирани бодови во квалификациите за ЕП

Репрезентациите на Франција и Исланд ги оправдаа фаворитските улоги во натпреварите од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година. Франција на гостувањето во Грција немаше многу проблеми и славеше лесна победа со 31:40.

Иако без неколку стандардни ракометари Французите целосно доминираа на овој дуел, уште на полувреме имаа сигурно водство од 22:16. Во продолжението Грција најмногу успеа да се доближи на минус четири но немаше сили за изненадување. Најефикасен во победничкиот тим беше Фабрегас со шест гола, а кај Грците прв стрелец беше Илиопулос со седум погодоци.

Израел после вчерашниот триумф против Литванија немаше сили да стигне до изненадување и беше поразен од Исланд со 20:30. Гостите рутински стигнаа до победата и се израмнија на врвот на табелата со Португалија.

Исланд максимално влезе во натпреварот и не му дозволи на противникот да се понадева на позитивен резултат. На полувреме гостите веќе ја имаа обезбедено победата кога имаа предност од 17:9. Продолжението беше формалност и Исланд запиша планирани бодови.