Ферукоски: Загубивме на наши грешки, Охрид беше пофокусиран во клучните моменти…

Екипата на Струга на свој терен во езерското дерби беше поразена од Охрид со 24-22 (10-12) во натпревар од 5. коло од Суперлигата и може само да жали за пропуштената шанса и прилика, бидејќи повеќе од 50 минути минимално водеше во дуелот со соседот, но никако не можеше да се одлепи на поголема резултатска предност.

Охрид во 54 минута со голот на Тоше Ончев првпат поведе, 20-19, и ги искористи сите шанси за да дојде до зацртаната цел, освојување на бодовите од жешкото дерби, додека домаќините во желбата да дојдат барем до бод, сѐ почесто грешеа во нападите и дозволија три лесни погодоци во својата мрежа, а тоа значеше крај на сите надежи за поволен резултат.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски смета дека Охрид бил пофокусиран во клучните моменти и заслужено ги освоил бодовите од дерби дуелот

,,Одигравме одлично во речиси најголемиот дел од натпреварот и на наши грешки гостинот ја обезбеди победата. Охрид имаше многу среќа во клучните моменти кога се влезе во неизвесна завршница. Тука решаваа само неколку шутеви и веќе беше јасно дека подобриот и оној тим кој е повеќе концентриран ќе ја освои победата. Премногу брзавме во нападите, посебно во последниот период, па и тоа е еден од главните фактори за поразот. Охрид беше пофокусиран кога најмногу требаше и заслужено ја освои победа”, изјави Ферукоски.

Во следното, 6. коло од групата А, екипата на Струга ќе гостува кај Куманово.

Охрид славенички во „езерското дерби“ против Струга