Ракометарките на Норвешка во последното коло од групната фаза на Европското првенство одработија рутински против Унгарија триумфирајќи со десет гола разлика, 32:22.
Иако овој натпревар беше само формалност, бидејќи и двете репрезентации имаа обезбедено пласман во главната фаза, сепак, норвежанките со денешната победа ќе пренесат четири бодови во следната фаза, бидејќи на свое конто имаат и победа против Хрватска, која исто така обезбеди пласман меѓу најдобрите 12 репрезентации на Европското првенство.
Унгарија во најголемиот дел од првото полувреме беше во водство, имаше одличен старт и водство од 3:0, потоа имаше и 4:1 и се до 20 минута беше во резултатска предност од еден до два гола разлика. По водството на Унгарија од 9:6, брзите ракометарки на Норвешка со серија од 4:0 израмнија на 9:9.
Како одминуваше времето беше јасно дека Норвешка ќе го преземи водството. Актуелниот бранител на титулата за првпат на натпреварот поведе во 25 минута (12:11) и на полувреме замина со предност од два гола разлика, 14:12.
Норвешка рутински ги одработи вторите 30 минути, а селекторот Хергеирсон ја измеша поставата и шанса им даде на поголемиот број на ракометарки од клупата. Скандинавската селекција во 40 минута дојде до 21:15 и до крајот ги казнуваше грешките на подмладената репрезентација на Унгарија, која во последниот период веќе капитулираше и немаше доволно сили да ја преполови негативата и да се избори за поблаг пораз.