Женската репрезентација на Украина го доби првиот бараж дуел против Македонија за пласман на Светското првенство 2023.
Украина во Скопје триумфираше минимално со 24:22 и на реваншот, кој ќе се одигра утре, ќе стартува со залиха од два гола.
Селекторот на Украина, Виталиј Андронов се надева дека неговите избранички ќе обезбедат уште една победа, односно мундијалски билет, но и се жали и потенцира дека Македонија играла груба, а тоа не било санкционирано.
„Ирина Компаниец и Викторија Салтањук добија многу удари во лицата во натпреварот. Евгенија Левченко постојано имаше болки од удари по колковите. Играта беше како битка и Украина ја доби. Марјана Маркевич доби удар во бутот во првиот напад, додека Компаниец не само што беше раскрвавена во челото, туку беше цело време и влечена. Не сакам да кажувам дали некој не видел ништо од ова, не сакам да се навраќам на тоа. Сакам да им се заблагодарам на девојките за нивната посветеност и желба за да дојдат до поволен резултат. Го издржаа притисокот во второто полувреме, добро одработија и покажаа карактер кога домаќинот имаше налет за пресврт. Јасно е дека треба уште многу да работиме, анализираме, во спортот се е можно. Ќе се погрижиме освоената победа да не биде залудна и да оствариме поволен резултат на реванш дуелот”, изјави Андронов.
Поради конфликтот во Украина, реванш натпреварот ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда, со почеток од 17:00 часот.