Украина нѐ и даде шанса на Македонија, СП ќе го гледаме на ТВ!

Репрезентацијата на Македонија на реванш дуелот против Украина беше убедливо поразена со 31:22. Украина со двете победи над Македонија си обезбеди настап на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.

Натпреварот беше отворен со голот на искусната Јанеска, но Украина бргу возврати за 1:1. Следуваше период, во кој двете репрезентации постигнаа по два брзи гола, по што резултатот во воведниот дел беше 3:3.

Во првите пет минути во таборот на Македонија имаше дури две исклучувања. Украина ја користеше секоја шанса со ракометарка повеќе и успеа да се одлепи на два гола разлика, 5:3. Избраничките на Савевски откако намалија на 5:4, дозволија ривалот да зголеми на ,,плус три” 7:4.

При водство на Украина од 8:6, нашата репрезентација на двапати промаши за минус еден гол. По десет минути борба, резултатот беше 9:6 во корист за ,,домаќинот”. Кон средината на првиот дел наместо Македонија да се доближи на 10:9, ракометарките на Андронов лесно ја пробиваа одбраната на ,,црвено-жолтите” и во 15-та минута дојдоа до највисоките во тој момент, 14:8.

Лошата игра во таборот на Македонија, која немаше решение како да дојде до реализација, беше причина Савевски во 18-та минута да побара тајм-аут. Македонија со голот на кружниот напаѓач Ивана Гакидова ја надмина бариерата од осум гола и за момент намали на 14:9. Украина делуваше расположено и на искуството на Глибко во 20-та минута зголеми на 16:9.

На ракометарките на Украина им одеше сѐ од рака, дојдоа до 18:10, додека пред финишот од првиот дел имаа и девет гола разлика, 20:11. Иако Украина не е од високиот ешалон на квалитетни репрезентации, сепак, покажа дека е на класа над Македонија. Ниту последните минути од првото полувреме не донесоа некоја промена на резултатот. Од минута во минута растеше предноста на репрезентацијата на Украина, која на пауза замина со убедливо водство од 24:12.

По десет минути игра во вториот дел водството на Украина беше десет гола разлика, 28:16. Големиот број технички грешки, испуштени топки, промашени контри, а и дополнително исклучувањата, беа причина за убедливото водство на Украина во текот на целиот натпревар.

Савевски во продолжението ја измени поставата, но ни тоа не донесе свежина во нападот, единствено отскокнуваше Гичевска. Цврстата одбрана на Украина делуваше моќно, со добра направена анализа за бековската линија на македонската репрезентација. Предноста на Украина во второто полувреме се движеше од 10 до 12 гола разлика.

Ракометарките на Савевски се трудеа да ја преполоват негативата и да се изборат за барем поблаг пораз. Сепак, Украина не попушташе и во 50-та минута влезе со предност од 29:19. Андронов одлично ги имаше поставено ракометарките, шанса им даде и на останатите од клупата, кои го водеа натпреварот до убедлив триумф.

Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Леонида Гичевска со десет погодци. Кај Украина прв стрелец беше Ирина Глибко со седум погодоци, по шест запишаа Евгенија Левченко и Дијана Дмитришин.