Убедлив старт на младинките: Македонија ја торпедира Босна и Херцеговина

Женската младинска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на ЕХФ шампионатот што се одржува во Скопје. Избраничките на Љубомир Савевски ја совладаа селекција на Босна и Херцеговина со 39-28.

На стартот на натпреварот нашиите ракометарки поведоа со 5-2, но потоа гостинките се вратија во игра и намалија на 5-4. Миновска зголеми на 6-4, но за една минута Босанките израмнија на 6-6.

Во следниот период се играше израмнето, иако имавме на два пати ракометарка повеќе на теренот, сепак примавме голови и беше 7-7, па 8-8, 9-9, пред со серијата на Ризоска, Македонија да зголеми на 12-9. Следуваше мал пад и Босна намали на 12-11.

Во финишот на полувремето младинките ја направија клучната разлика. Голманката Јовановска беше одлична на голот, нападот беше исто така на ниво, па со серија од пет гола, Македонија имаше 17-11. На пауза се замина со резултат 17-12.

Македонија – БиХ У19 жени

На стартот на вториот дел два нови гола преку Јанкуловска и Арсениевска за 19-12, а Босанките првиот гол го дадоа по четири минути игра за 19-13. Нашите ракометарки уште посилно „нагазија“ и веќе за десетина минути во второтот полувреме го решија победникот.

Јанкуловска погоди за 26-15 и највисоки плус 11, па селекторот Савевски им даде шанса на повеќе ракометарки од клупата. Коларовска покажа зошто е меѓу најдобрите стрелци во лигата, погодуваа и Дамјановска и Џатевска,

На крајот убедлива победа со 39-28. Најдобри стрелци во нашата репрезентација беа Сара Миновска со десет голови, Коларовска со осум, Ангела Јанкуловска со седум, а Ризоска даде шест. Кај Босанките се истакна Ципетиќ со осум погодоци.

За најдобар играч од македонската репрезентација беше прогласена Сара Миновска. Следен предизвик за нашите репрезентативки е дуелот со Фарски Острови во понеделник од 20:30 часот.