Македонскиот интернационалец Стефан Трпчевски пред нешто повеќе од еден месец се пресели во шампионот на Финска, БК-46.
После карантинот во кој беше по пристигнувањето во земјата тој се приклучи на екипата. 24-годишниот десен бек првите впечатоци од новиот клуб ги сподели во изјава за сајтот на БК-46.
„Стапив во контакт со клубот, условите што ми ги понудија беа многу добри и бев подготвен веднаш да потпишам договор. Сè уште не знам многу за финскиот ракомет, но според она што го видов до сега одлуката да дојдам тука беше вистинска. Тренинзите, соиграчите, тренерот, сè изгледа перфектно. Сакам да продолжам да се развивам и мислам дека имам добра можност тука“, рече Трпчевски.
БК-46 ја брани титулата во Финска, а македонскиот десен бек се надева дека неговите настапи во клубот ќе помогнат во одбраната на шампионската титула. Дополнително шансите за нова успешна сезона на БК-46 ги зголеми ангажманот на најдобриот фински ракометар Нико Ренберг.
„На тренинзите е сè подобро, ќе дадам се од себе БК-46 да ја освои шампионската титула под услов сезоната да заврши според планот. Имаме некои повредени играчи но сега откако и Нико Ренберг е во тимот верувам дека ќе парираме на најквалитетните екипи во првенството“, заврши Трпчевски.
Стефан Трпчевски пред да замина во БК-46 сезонава играше во израелскиот Хапоел Кирјат и грчкиот Фаикас Корфу.