Тројка на Пешевски во поразот од Кил, Томовски и Лудвигсхафен конечно победија

Двајца македонски интернационалци беа на терените во Бундес лигата, Жарко Пешевски и Штутгарт беа поразени на гостински терен од Кил со 33:28, додека Мартин Томовски со својот Лувигсхафен на свој терен славеше против Кобург со 22:19.

Екипата на Штутгарт имаше тешко гостување кај актуелниот шампион во Бундес лигата, Кил имаше контрола на резултатот, но не успеваше да се одлепи. Во завршните минути од првиот дел Штутгарт успеа и да израмни, но на полувреме домашниот тим имаше водство од 16:15.

И во продолжение тимот на Пешевски долго беше во игра, во 52. минута беше само на минус еден 27:26. Од тој момент до крај на мечот Кил направи серија 6:1 и ја осигура победата. Пешевски натпреварот го заврши со три гола од четири удари.

Лудвигсхафен конечно ја прекина серијата без победа и славеше против последнопласираната екипа на табелата Кобург. Уште по првиот дел тимот на Томовски имаше добра предност кога водеше 11:6.

Во продолжение се покажа дека оваа предност е доволна за конечен триумф од 22:19. Кобург успеа да намали, но не и да избегне пораз на ова гостување. Мартин Томовски имаше помала минутажа за разлика од претходните натпевари и забележа четири интервенции.