Јања Тушек се врати на ракометот после раѓањето на синот и повторно е меѓу стативите. Таа успешно ги балансира трите улоги кои ги има, мајка, голманка во клубот Кока и негувателка во градинка на своето работно место.
Женскиот ракомет во Хрватска подолг период се врти околу два клуба Подравка и Локомотива кои се професионални екипи. Останатите клубови се полуаматерски и ракометарките освен што играат активн се или на редовно работно место или факултет. Многу од нив кога ќе станат мајки ја завршуваат ракометната кариера, а Тушек успева да се справи со сите обврски и да остане на терените.
„Секако ништо од ова не би можела да постигнам без поддршка од семејството и сопругот. Исто така и работите во клубот ми одат во прилог, а дополнително мојот син Роко што е мирно бебе. Со децата никогаш не е досадно. Знае да биде напорно, но убаво е затоа што секој ден е различен. Од друга страна пак ова е многу одговорна работа“, коментираше Тушек во хрватските медиуми.
Јања Тушек десет години има поминато во Трешњевка каде што бранела додека студирала. Во тој период имала повеќе понуди од странство, но сепак одлучила да му даде предност на факултетот. Таа има еден репрезентативен настап и многу учества на репрезентативни кампови.