Поранешниот спонзор на Ѓорче Петров, познатиот бизнисмен и градоначалник на Скопје, Трифун Костовски повторно се радуваше на триумфот на тимот. Додека „малата ама одбрана“ делегација на Исланд се бореше против КА Тор и на вториот меч убедливо победи, Трифун Костовски во Скопје заедно со управата на Ѓорче Петров на видео бим во Скопје го гледаа натпреварот.
Заедно одборјуваа секунди пред официјално да си честитаат за пласманот во следната фаза од Европскиот Куп. По речиси 14 години скопскиот тим повторно играше во еврпските купови, и на двата дуели на Исланд беше успешен.
На првиот одигра реми 20-20, а на вториот беше убедлив, победи со 34-23. Последен пат ѓорчепетровки победија во меч од европски куп во јануари 2009 година.
Трифун Костовски долги години беше главен спонзор на тогашниот Кометал Ѓорче Петров кој двапати играше во финалето на Лигата на шампионите, а еднаш беше и европски првак. Во 2009 година последен пат тимот настапи во ЛШ и беше македонски првак и победник на купот. Потоа веќе не се натпреваруваше.
Кога се појави сегашниот тим на Ѓорче Петров, Костовски им го предаде спортскиот континуитет и освоените титули. Сега првпат заедно се радуваше на успех на европска сцена.