Ракометарите на Голден Арт го остварија вториот триумф во Суперлигата, откако славеа во драматичен натпревар на гостувањето кај Радовиш со 23-22. Иако во повеќе наврати имаа и плус пет во првиот дел, сепак на крајот гостите мораа да се спасуваат и да постигнуваат победнички гол во последната минута.
Голден Арт отвори со водство од 4-0, откако Даскаловски бранеше одлично на стартот на мечот. Радовишани се обидуваа да го најдат патот до неговата мрежа, но тоа го направи голманот Паунов со голот во 13. минута.
Беше и 6-1 за Голден Арт, а избраниците на Никола Матлиески поведоа и со плус шест, 9-3. Шилегов од пенал зголеми на 11-5, а домашните не се откажуваа и продолжија да ја бркаат негативата.
Најпрво Ѓорѓиев го совлада Даскаловски, потоа и Вјештица погоди од пенал, а уште еднаш од гол на гол стрелаше голманот Паунов за 11-8. Немаше време за нов погодок, па на пауза Голден Арт замина со три гола предност.
Гостите од Скопје водеа со 15-12, но упорниот домаќин успеа да се врати на реми, 15-15. Во продолжение се играше гол за гол, голманите Даскаловски и Паунов имаа свои моменти, а во последните десетина минути се влезе со резултат 20-20.
На 22-22 и двете екипи напаѓаа за водство. Не беа успешни во неколку обиди, пред десниот бек Гошевски да погоди на истекот на 58 минута. Радовишани на два пати не погодуваа за реми, а Голден Арт ја задржа топката до крајот за три бода од тешкото гостување.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гошевски со шест и Милошески со пет гола, додека одличен на голот беше Даскаловски. Кај Радовишани одлична партија за голманот Славјан Паунов, а најдобри стрелци беа Вјештица и Постолов со по шест гола.