Трилер завршница во Кисела Вода: Вардар Неготино падна пред налетот на Јуниор!

Екипите на Јуниор Кисела Вода и Вардар Неготино одиграа интересен и неизвесен натпревар со неколку пресврти во 16. коло од плеј-офот во Првата лига кој на крај го доби домашниот тим со 31:29

Првиот дел му припадна на гостинскиот тим од Неготино, после почетните израмнети минути Вардар Неготино го презема водството и имаше контрола до крајот на првиот дел. На полувремето беше 15:19.

Јуниор КВ во продолжението не дозволи противникот да обезбеди недостижна разлика и од почеток ја топеше негативата. Веднаш намалија на минус еден, а веќе кон средината на вториот дел стигнаа до водство од 25:24.

Завршницата беше драматична со постојано менување на водството. Најпрво гостите беа во подобра позиција, но сепак во последните моменти ракометарите на Јуниор КВ подобро се снајдоа и обезбедија триумф кој ги задржа на третото место против директниот конкурент.

Најефикасен во тимот на Јуниор КВ Игор Илиевски со осум погодоци, а шест гола постигна Стефан Крстески. Во гостинскиот состав на Вардар Неготино, Петре Пеовски беше најпрецизен со осум, а Костадин Петров постигна седум гола.