Од четворицата македонски репрезентативци што добија покана од Европската ракометна федерација за учество на кампот „Почитувај го твојот талент“, кој беше лансиран во 2019 година, но во Виена отпатуваа само тројца.
Средниот бек Томислав Димковски, левото крило Михаeл Тотиќ, голманот Давид Брестовац овој викенд се во австриската метропола, додека десното крило Александар Петковски, кој е дел новиот суперлигаш Алкалоид, не отпатува во Виена. Непозната е причината за отсуството на Петковски од овој едукативен камп организиран од страна на ЕХФ.
Играчите беа во идеалниот тим на последниот кадетски ЕХФ шампионат што го освои Македонија, а се одржа летоска во главниот град на Летонија, Рига.
Станува збор за настан чии амбасадори се великани од типот на Ласло Наѓ, Виктор Томас, Штефан Ловгрен, Вид Кавтичник, Ивано Балиќ…
„Почитувај го твојот талент“ вклучува низа предавања за кариерата што ги чека младите ракометари, анти допинг, менталното здравје, однесување со медиуми, социјални мрежи и уште многу други работи што ќе им користат во развојот на кариерата.
„Во Виена имаме предавања на повеќе теми, ама се фокусирани на делови надвор од теренот. Тоа се односи со медиумите, како да се однесуваме пред камери, потоа за начинот на исхрана кај професионалните спортисти, како да се однесуваме надвор од терените, за антидопинг и сл. Со нас во Виена се Кавтичник, Степанчиќ, Прието и Стефансон“, вели Димковски за 24Ракомет.
Покрај македонската тројка на овој настан во Виена се присутни сите ракометари што се најдоа во идеалните тимови на ЕХФ шампионатите кај кадетите и младинците, како и од ЕП во двете категории.
Петковски, Тотиќ, Брестовац и Димковски на камп со сите „Ол Стар“ ракометари од летните првенства