Дојде како големо засилување но имаше пех да мора да замине на операција на коленото. Сега е подготвен за предизвиците што го чекаат и Вардар во пролетниот дел од сезоната треба да биде посилен на позицијата десен бек. Бразилецот Жозе де Толедо веќе тренира со екипата и се подготвува за своите први натпревари во „црвено-црниот„ дрес.
„Се разбира дека сум подготвен за деби. Имав некои дополнителни испитувања за коленото, но спремен сум да почнам сериозни тренинзи со тимот. Имав компликувана операција, не толку едноставна како што мислат луѓето. Не сум среќен со ситуацијата во која се најдов, но тоа е нормален процес што треба да го поминете постоперативно. Нетрпението те излудува, не можам да дочекам да почнам да играм. Имав долга рехабилитација и тешко е. Не беше лесно, но се подобро се чувствувам и месецов почнав тренинзи со тимот. Ми недостигаше ракометот, ми недостигаше да бидам со екипата. Најмногу ми недостигаше тоа што од почетокот на сезоната уште не сум играл со дресот на Вардар. Време е да го облечам дресот, да застанам пред навивачите на Вардар и да излезам на теренот во оваа прекрасна сала со неверојатна атмосфера за поддршка“, вели Толедо.
Бразилецот сепак беше со екипата и ги поддржуваше колегите во битките во Лигата на шампионите.
„Се разбира, постојано бев во салата заедно со екипата. Присуствував и на тренинзите, се дружевме. Тука ги правев и моите индивидуални тренинзи. Но сепак фокусот беше на моето колено, добро да се рехабилитира за да бидам добар и кога ќе се приклучам на екипата. Ќе бидат тешки месеци пред нас. Предизвиците се тешки, независно дали е СЕХА лига, ЛШ или домашното првенство. Секој натпревар треба да го играме како клучен и нема да биде лесно. Но во тоа е и убавината, да имаш тешки предизвици и да можеш секој пат да дадеш 100 проценти“, заврши Толедо.
Официјалното деби Толедо би требало да го има на средбата со Кил во Лигата на шампионите на 5 февруари.