Тиквеш славеше важна победа во битката за плеј-офот во Суперлигата. Тимот од Кавадарци немаше поголеми проблеми и триумфираше на незгодното гостување кај Прилеп со 24-31.
Кавадарчани уште на стартот си го фатија редот, се одлепија на 0-4. Домашните тешко го наоѓаа патот до мрежата на одличниот Стојаноски, па Тиквеш по петнаестина минути веќе имаше плус седум, 2-9.
Момците на Горан Андоновски имаа највисоки плус осум, 4-12, но во продолжение домаќините почнаа да играат посериозно во одбраната, а погодуваа во нападот. По 8-15, со серија од три гола, Прилеп ја преполови негативата, 11-15.
Беше и 12-16, останаа уште десетина секунди за нападот на Тиквеш, и по едно невнимание на прилепчани, десното крило Темелкоски погоди за плус пет на пауза за кавадарчани, 12-17.
Прилеп намали на 14-17 на стартот на вториот дел, но повторно следуваше голем пад во играта и Тиквеш се одлепи на 15-22. Продолжија проблемите во нападот на домашните, кавадарчани ги казнуваа сите грешки и во еден момент беше и плус десет, 21-31. До крајот Прилеп со три гола во серија успеа да го ублажи поразот.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА