Тимот на Македонија Ѓорче Петров славеше потешко од очекувањата над штипски Текстилец со 32-28 во 11. коло од групата 1 во Првата лига.
Гостите поведоа со 0-4 на стартот и најавија дека нема да бидат лесен залак за Македонија. Сепак како одминуваше времето во првиот дел, така домашните ракометари ја преземаа контролата на играта и до паузата стигнаа до водство со 15-12.
Во второто полувреме штипјани намалија на 24-23, но немаа сили да го зададат завршниот удар. Ѓорчевци со три гола во серија стигнаа до 27-23 и до крајот успешно го задржаа тоа водство за конечна победа со 32-28.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин Димовски со девет и Иван Митревски со шест погодоци, додека кај Текстилец се истакна Крум Гогов со 11.