Тимот на Текстилец од Штип загуби на домашен терен од составот на Мулти Есенс со 43-27 во 17 коло од Првата лига и се чини дека ја заврши трката за плеј-оф. Сепак ќе мора да се почека последното коло за да биде решен и петтиот патник во разигрувањето за титулата.
Гостинскиот тим, кој има максимален број на победи во прволигашката конкуренција, уште во првиот дел го реши прашањето на победникот кога беше 22-12.
Во вториот дел штипјани немаа сили да им парираат на разиграните момци на Бранко Ангеловски, па негативата само се зголеми.
Иако за дел од играчите на Мулти Есенс, ова беше втор натпревар денеска по оној што го одиграа за кадетската репрезентација на Македонија, сепак немаа проблеми да слават убедливо во Штип.
Мулти Есенс е убедливо прв на табелата со 45 бода, додека Текстилец има 15 на седмата позиција. Може да се случи четири екипи да имаат по 18 бода и да решаваат нивните меѓусебни дуели за последниот патник во плеј-оф.