Тасески: Не чека борба сите 60 минути, сакаме победа против Алкалоид

Екипата на Охрид, која е во серија од четири натпревари без пораз, во рамки на 10. коло, на домашен терен го пречекува второпласираниот тим на табелата, Алкалоид, предводен од легендата на македонскиот ракомет и селектор на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.

Еден од најискусните во составот на охриѓани, Иван Тасески, очекува тежок и неизвесен натпревар, во кој мора да изиграат максимално борбено и сконцентрирано со цел да ја продолжат добрата серија и да освојат нови три бода.

„Не чека борба до шеесеттата минута. Иако имаме проблеми со повредени играчи, сепак се надевам дека ќе одиграме добра одбрана, со полесни голови, полуконтра, да дојдеме до полесна победа. Натпреварот во гости го изгубивме со многу технички грешки, многу промашени зицери, се надевам дека на овој натпревар ќе ги намалиме тие технички грешки и ќе имаме подобра реализација и дека ќе извојуваме победа. Мотив повеќе е да се игра против оваа екипа која е доста добра и која игра модерен, брз, ракомет“, изјави Тасески.

Охрид на овој натпревар ќе настапи без Тоше Ончев кој повторно се пожалил на старата повреда, истегнат преден вкрстен лигамент и менискус, а под знак прашалник е и настапот на Дејан Шешиќ. Колку за потсетување Ончев го пропушти и првиот дуел помеѓу овие две екипи, во кој четата на Лазаров на домашен терен славеше со 24:22.

Натпреварот Охрид – Алкалоид се игра во недела, во спортската сала „Билјанини Извори“ со почеток од 16:00 часот.