Талески: Со победите над Финска и Швајцарија завршивме голема работа!

Машката репрезентација запиша и втора победа во евро-квалификациите, вечерва против Швајцарија (25:23) и со тоа си заврши голема работа за пласман на следниот континентален собир.

Се мачевме во голем дел од натпреварот во Шафхаузен, но на крајот победата е таа која е најважна и двата бода.

“Од овој натпревар само победата ќе се памети. Убаво е чувството да се продолжи традицијата и да не се дозволи Швајцарија да не победи. Триумфот секако дека многу значи за нас и за оваа репрезентација. Со двете победи против Финска и Швајцарија завршивме многу голема работа. Сепак имаме уште за играње до крајот на квалификациите за да бидеме сигурни дека сме обезбедиле место на Европското првенство”, изјави за 24ракомет Филип Талески по победата над Швајцарија.

Следните предизвици за нашата репрезентација ќе бидат дуелите со светскиот првак Данска во март.