Македонскиот интернационалец во Германија Филип Талески до крајот на мај ќе реши каде ќе ја продолжи кариерата. Една од опциите секако е останување во Бундеслигата, но не ја исклучува ни можноста по неколку години во Германија да се врати дома.
На маса ги има понудите на моментно двете најдобри екипи во Македонија, на Вардар и на Еурофарм Пелистер.
„Точно е дека имам понуди од Вардар и од Еурофарм Пелистер. Двете екипи уште лани ми понудија да дојдам кај нив, а и сега имам отворена понуда. Ништо не сум решил. Во Германија има некои клубови што покажуваат интерес, но немам никаква конкретна понуда за која би размислувал. До крајот на овој месец би требало да решам се, зашто ќе ми треба време ако е потребно некое селење и прилагодување на нова средина, вели Талески кој досега настапуваше за тимот на Балинген во Германија.
Вардар сега прави плана за стабилизација и засилувања, и секако на позицијата на лев бек може да смета на Талески доколку тој реши да потпише со „црвено-црните“. Сигурно колега на таа позиција би му бил Санталов од Русија. На Дисингер и на Горбок им се завршени договорите, и тие треба да се изјаснат под кои услови би останале. Но, ако Талески дојде тогаш можно и двајцата да бидат ослободени.
Уште лани Вардар сакаше да го донесе во своите редови, а сега Михајло Михајловски повторно се обидува да ги врати репрезентативците и сите да бидат дома. Играњето во групната фаза од Лигата на шампионите може да биде примамливо за левиот бек на репрезентацијата на Македонија.
„Знам што значи играњето во ЛШ. Откако дојдов во Германија имав шанса да играм во ЛШ и сега искрено тоа ми недостасува. Оваа сезона видов колку тоа ми е потребно. Сепак Бундеслигата е навистина силна и неизвесна. Дури и како шампион или тим од самиот врв лесно можеш да загубиш од некој нископласиран тим. Тука навистина се игра одличен ракомет, смета Талески.
Сега тренерот на Вардар, Стевче Алушовски изјави дека клубот му дал понуда и дека тој не може да го разбере зошто сака да остане во Германија. Многумина сметаат дека Германија би била првата опција за Талески со оглед на тоа што неговата сопруга е таму, сега имаат и дете и се привикнати на тој начин на живеење.
„Семејството секогаш е голем поддржувач за спортистот. Но, семејството го следи спортистот секаде каде тој оди. Кога се менува земја, клуб, град. Така е секаде и со секој спортист. Германија има поинаков начин на живот, помирно се живее, се мисли само на ракометот. Но, секогаш треба да се размислува и за кариерата, смета Талески.
Вардар в година ќе игра во групната фаза од ЛШ, а Еурофарм Пелистер треба да игра во групната фаза од Лига Европа. И двата тима ќе играат во СЕХА лигата.