СТРУГА 2023: Танески – „пораснав“ на отвореното игралиште, Мојсоски – настапот на турнирот е уникатно искуство

Годинава од 16 до 19 август по 51. пат ќе се игра традиционалниот ракометен турнир. Следете не на нашата страница на Facebook, бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Ќе имаме многу интеракција, гласање, наградни игри...

Стандардно на Струшкиот турнир, единствена екипа што настапува секоја година е домаќинот Струга. Така ќе биде и на 51. издание што ќе се одржи од 16 до 19 август на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Оваа година стружани ќе бидат во група со двократниот европски шампион Вардар кој дури 13 пати го освојувал трофејот на турнирот во Струга и шведскиот тим Ескилстуна Гуиф. И покрај силните ривали, стружани ќе се обидат да се прикажат во добро светло.

Екипата е предводена од струшката легенда Наум Танески, кој се потсети на почетоците на турнирот и на неговите почетоци.

„Турнирот во Струга го следам повеќе од 40 години. Мојот татко ја водеше Струга кога бев дете па така „пораснав“ на отвореното игралиште. Тука и започнав да тренирам ракомет, а и мојата тренерска кариера стартуваше на „ракометно“ и со овој турнир“, вели Танески.

Струга ќе игра во група со Вардар и Ескилстуна Гуиф.

„Иако е рано турнирот ќе ни служи за да добиеме претстава каква екипа сме формирале за новата сезона и како сме се подготвиле. Годинава по имиња АЕК Атина има најзвучен состав, но тука се Алкалоид, Вардар и Гуиф. Први натпревари после подготовки така да секој секого може да изненади. Ростерот не е затворен, после турнирот ќе се види дали е потребно и која позиција би донеле некој нов ракометар“, заврши Танески.

Екипата лани го осигура местото во суперлигашкото друштво, но ќе претрпи големи промени во играчкиот состав. Заминаа пивотите Петар Маркоски и Богдан Ѓуровиќ, десниот бек Урош Лазаревиќ, левиот бек Никола Цветаноски, како и левото крило Ненад Костоски.

Тимот досега се засили со искусните тројца ракометари и поранешни репрезентативци – Златко Мојсоски, Велко Маркоски и Јовица Младеновски. Покрај нив во тимот на Струга дојдоа десниот бек Мерис Бошњак и искусниот кружен напаѓач Александар Тренчевски, а нови соработки потпишаа и двајцата интернационалци – Петар Бугариновиќ и Дејан Рикановиќ.

Капитенот Златко Мојсоски вели дека натпреварите на Струшкиот турнир ќе бидат искористени за подобро воигрување на екипата.

„Очекувањата од овој турнир е да се искористат натпреварите за што подобро да се воиграме и да видиме до каде сме со физичко-тактичкиот дел. Екипата има многу нови играчи, па овие натпревари ни се добредојдени и ќе настапиме во целиот состав со кој располагаме во моментов“, вели Мојсоски.

Десното крило досега многупати беше дел од Струшкиот турнир.

„Досега многу пати сум играл на Струшкиот турнир со екипите на Струга, Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург. Има многу да се зборува за овој турнир, но секако тоа што го издвојува и по што е уникатен е тоа што се игра на отворено покрај езеро. Тоа го прави посебен и единствен. За ривалите имам само пофални зборови и се надевам на фер игра и што подобро да се претставиме пред струшката публика“, продолжи Мојсоски.

Тој ги сподели и очекувањата од следната сезона.

„Неблагодарно е да се каже кој е фаворит, има доста квалитетни и израмнети екипи кои мислам дека и оваа година ќе прикажат европски ракомет. Нашите цели како Струга се пласман во плеј-оф и мислам дека со поддршка од нашата публика и навивачи би можеле таа цел да ја оствариме“, заврши Мојсоски.

СТРУГА 2023: Струга – со спој на младост и искуство против сите конкуренти

Дознајте ги сите новости поврзани со 51. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет.

.
.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!