Со натпреварот меѓу Струга и Вардар беше отворено 51. издание на традиционалниот турнир покрај езерото.
Ракометарите на Вардар со победа го започнаа настапот на турнирот во Струга, откако во дуелот со домашниот тим без многу проблеми дојдоа до убедлива победа од 29:17.
51. издание на реномираниот турнир во Струга беше отворен со голот на домаќините, но по почетното водство на домашната екипа од 1:0, следуваа седум гола во низа на „црвено-црните“ кои се одлепија на 7:1 и до крајот на првиот дел беа во резултатска предност, најчесто од пет до шест гола разлика.
Избраниците на Наум Танески се обидуваа да дојдат до помала негатива, но добрата поставена одбрамбена зона на Вардар никако не дозволуваше лесни погодоци, ниту најмал напредок во играта на домаќините. Вардар ја задржа стекнатата предност од воведниот дел и на полувреме замина со седум гола разлика, 15:8.
Вардарци за неколку минути игра во вториот дел дојдоа на двоцифрена разлика, поведоа со 18:8. Струга имаше тежок предизвик да ја брка високата негатива и до крајот од дуелот во вардаровата мрежа постигна уште девет погодоци.
Одредени блесоци на голот на Струга во второто полувреме имаше Дамјан Тутенкоски. Ракометарите на Недановски како на тренинг ги одрабоија последните 20 минути, ја зголемија предноста и дојдоа до победа која беше изразена со 12 гола разлика.
За Вардар следува ден одмор, додека тимот на Струга во текот на утрешниот ден ќе ги одмери силите со шведскиот претставник Ескилстуна Гуиф.
Вардар – Струга (Струга 2023)
Дознајте ги сите новости поврзани со 51. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет.
.
.
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!