Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Еден од странските тимови што првпат доаѓаат во Струга е словачкиот првак Татран Прешов. Тимот од Прешов дури 17 пати е шампион на Словачка, а има непрекината низа на титули од 2007 година. Сехалигашот среде минатата сезона ги започна големите промени во екипата, па тренерот Славко Голужа си замина по скоро четири години во клубот.
На местото на Славко Голужа на клупата во Татран Прешов дојде легендарниот словачки ракометар Радослав Антл. Тој му донесе на тимот нова двојна круна во Словачка. Клубот имаше солидни настапи во Лигата на Европа, но не успеа во силната група со Фуксе Берлин, Висла Плоцк, Тулуз, Бидасоа и Винтертур да се пробие во осминафиналето од второто по ранг европско клупско натпреварување.
Беа продолжени договорите со голманот Маркос Колодети, пивотот Роман Царапкин, средниот бек Марко Давидовиќ…дојде некогашниот десен бек на Еурофарм Пелистер – Никола Ивановиќ, а камбек во Татран Прешов направи и украинскиот голман со словачки пасош Игор Чуприна, кој пред да се врати бранеше за рускиот Таганрог и за Мотор Запорожје.
Но се чини дека најголемото засилување за Татран Прешов е левиот бек Лукаш Урбан, кој настапуваше за унгарската Татабања, а претходно беше член и на францускиот Шарт. Замина десното крило Нуњо Сантос во финскиот Кокс, а иако беше пред заминување, беше продолжена соработката со кубанското лево крило Павел Ернандес на две сезони.
Тренерот Антл има добро избалансиран тим, во кој најсилна алка ќе биде левата бековска позиција со капитенот Оливер Рабек и со новакот Урбан. Средните бекови Пачеко и Давидовиќ, не само што добро го разигруваат тимот туку се и меѓу најдобрите стрелци. Послабо делуваат на десната страна каде останаа без Бразилецот Линарес, па Ивановиќ ќе мора да го изнесе целиот товар на натпреварите.
клучни играчи: Оливер Рабек, Педро Пачеко, Игор Чуприна
натпревари на Татран Прешов на турнирот во Струга
АЕК Атина (17 август),
Еурофарм Пелистер (18 август),
Струга (19 август)
состав на Татран Прешов:
Оливер Рабек, Педро Пачеко, Томаш Фех, Томаш Речичар, Ерик Фенар, Тилен Лебен, Јакуб Кравчак, Марко Антл, Никола Ивановиќ, Вјачеслав Касаткин, Серхио Лопес, Давид Михалка, Марко Давидовиќ, Лукаш Урбан, Павел Ернандес, Игор Чуприна, Роман Царапкин, Маркос Колодети
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.