Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Еден од дебитантите на турнирот во Струга е екипата на Алкалоид, која во првата сезона од постоењето успеа да се пласира без ниту еден пораз во суперлигашкото друштво на Македонија. Тимот на Алкалоид ќе биде предводен од македонската легенда Кирил Лазаров, а во неговиот стручен штаб ќе биде и некогашната македонска репрезентативка, Билјана Црвенкоска. Клубот во однос на претходната сезона претрпе одредени промени, но најголемиот дел од играчите што играа минатата сезона останаа во амбициозниот клуб од Скопје.
Кирил Лазаров токму на Струшкиот турнир ќе го има дебитанскиот настап како тренер пред македонската публика. Лазаров во Струга нема да пристигне со комплетен состав, бидејќи неколку ракометари поради репрезентативни обврски со кадетската репрезентација на Македонија нема да бидат во можност да учествуваат на еден од најдобрите турнири во Европа. Легендата на македонскиот ракомет очекува турнирот да биде од голема корист за неговите избраници.
„Ние сме нов млад клуб, составен од потенцијални млади македонски играчи. Со оглед дека годинава, турнирот во Струга е посебно квалитетен, со најдобрите македонски екипи и уште три екипи од странство, кои се учесници во Лига на Шампиони и Лига Европа, за нашите играчи, учеството на овој турнир ќе биде огромно искуство, за да можат да направат чекор напред во нивните кариери. Во Струга, ќе ни недостасуваат неколку играчи, кои имаат обврски со кадетскиот национален тим, кој настапува на ЕХФ шампионатот во Рига. На турнирот во Струга имам учествувано неколку пати, како играч на Пелистер и со младинската репрезентација на Македонија”, изјави Лазаров.
Алкалоид на струшкиот турнир ќе настапи во група заедно со Вардар, Целје и Бутел Скопје. Лазаров и за противниците и за организацијата имаше пофални зборови и се надева дека со неговите избраници ќе имаат успешна сезона во својот дебитански настап во Суперлигата
„Вардар и Целје се екипи од Лигата на шампиони, два тима кои се поранешни освојувачи на Лига на Шампионите. Тоа кажува многу и ќе ни биде чест и задоволство да ги одмериме силите со таков калибар на екипи. Бутел е неколку години по ред трет по квалитетот во македонската лига. Годинава, конкуренцијата е многу силна и ќе има многу возбудливи натпревари и борба за трофејот. Честитки за организаторот, кој се потруди да направи ваков квалитетен турнир. Македонската публика ќе има можност да следи квалитетен ракомет и возбудливи натпревари”, заврши Лазаров.
Капитенот на Алкалоид и сениорски репрезентативец на Македонија, Игор Ѓорѓиев очекува со неговите соиграчи да одработат според она што ќе биде договорено за време на Струшкиот турнир и да ги проверат своите квалитети пред настапот во македонската елита. Младиот ракометар, кој со поголемиот број на неговите колеги за првпат ќе настапат на Струшкиот турнир, истакна дека е задоволство да се настапува на еден ваков квалитетен турнир.
„Струшкиот турнир за нас е предизвик. Ние сме дебитанти на турнирот, и бидејќи учествуваат квалитетни екипи, ќе биде големо искуство за нас. Очекувам да изиграме најдобро што можеме, од тоа што ни е сработено. Во овој момент, освен оние кои се подготвуваат со кадетската репрезентација на Македонија, сите играчи се во тренажен процес и се надевам дека така ќе остане до турнирот. Како на мене, така и на поголем дел на играчите на Алкалоид, учеството на меѓународниот ракометен турнир во Струга ќе ни биде деби. Струшкиот турнир има голема традиција. Секогаш учествувале квалитетни екипи кои се натпреварувале во најелитните европски лиги, и чест и задоволство ни е да учествуваме”, изјави Ѓорѓиев.
Средниот бек на Алкалоид се надева дека натпреварите против екипи како Вардар и Целје ќе бидат искористени на најдобар можен начин за големиот предизвик во Суперлигата и желбата да се стигне во плеј-оф фазата од македонскиот шампионат.
„Ќе имаме квалитетни противници, кои традиционално настапуваат во најелитните европски натпреварувања. Целје и Вардар се прваци во своите држави, додека Бутел секоја сезона се бори да биде на врвот на табелата во македонскиот шампионат. На турнирот учествуваат екипи кои што се натпреваруваат во европските лиги, конкуренцијата е навистина голема, па поради тоа не би можел во овој момент да одредам кој е фаворитот на Струшкиот турнир. Нашата цел е да одиграме квалитетна сезона и со тоа се надеваме дека ќе можеме да обезбедиме учество во плеј – оф натпреварувањето” заврши Ѓорѓиев.
СТРУГА 2022: Алкалоид – амбициозниот проект предводен од Лазаров со деби на јубилејниот турнир
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.