Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Еден од најтрофејните тимови на Струшкиот турнир е битолски Еурофарм Пелистер, кој досега се радувал 12 пати на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Женската плажа. Последен пат битолчани го освоија трофејот во 2020 година, кога во финалето го победија Вардар.
Екипите значително се променети во однос на таа година, но двата тима повторно се најголеми фаворити за трофејот. Најважната промена кај Еурофарм Пелистер е на тренерската позиција. На местото на Жељко Бабиќ дојде данскиот стратег Ларс Валтер, кој најави дека знае да се снајде во балканскиот ракомет, и веќе има работено во словенечкиот Горење Велење.
Од Еурофарм Пелистер заминаа сите странци што играа минатата сезона освен Мирко Радовиќ кој е избран за капитен. Дресот на битолскиот тим повеќе не го носат Мараш, Секељ, Обрадовиќ, Мандалиниќ, Кушан, Граџан, Периќ, Божиќ-Павлетиќ, Табоада, а замина и Маркоски и Ивановски.
На нивно место беа ангажирани голманот Урбан Лесјак, пивотите Жарко Пешевски и Денис Василев, како и бековите Усама Хосни, Вилсон Дејвис и Руди Сери. Од вториот тим кон првиот беа приклучени Цветан Кузманоски, Павле Петровиќ и Павле Атанасијевиќ. По повредата се враќа десниот бек Мартин Велковски.
Тренерот Валтер вели дека ќе мисли само на воигрувањето на неговиот тим.
„Сите екипи се квалитетни и сите ги респектираме. Но, ние нема да мислиме на нив, туку само на нас и на воигрувањето. Имаме многу нови играчи и веројатно ќе ни треба време да дојдеме до вистинскиот Еурофарм Пелистер“, вели тренерот Ларс Валтер.
Капитенот Радовиќ очекува машка борба и квалитетни натпревари.
„Ќе биде квалитетен турнир, како и секоја година. Има квалитетни домашни екипи, квалитетни се и странските екипи и очекувам машка борба и многу квалитетни натпревари“, Радовиќ.
клучни играчи: Жарко Пешевски, Урбан Лесјак, Мирко Радовиќ
натпревари на Еурофарм Пелистер на турнирот во Струга
Струга (16 август),
Татран Прешов (18 август),
АЕК Атина (19 август)
состав на Еурофарм Пелистер: Урбан Лесјак, Марко Кизиќ, Цветан Кузманоски, Гоце Ојлески, Бојан Маџовски, Руди Сери, Дејан Кукуловски, Емилијан Ѓорговски, Вилсон Дејвис, Павле Атанасијевиќ, Марио Танкоски, Усама Хосни, Павле Петровиќ, Мартин Велковски, Мирко Радовиќ, Ненад Костески, Жарко Пешевски, Денис Васиљев, Милорад Кукоски
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.