Екипата на Струга која си обезбеди место во Супер лигата, а со тоа и директен опстанок за следната сезона во најсилното друштво почна да го проширува играчкиот кадар со што ќе добие многу подолга клупа за натпреварите од плеј-офот.
Веќе се ангажирани тројца нови ракометари со што Струга сигурно ќе добие многу за натпреварите од пролетниот дел од сезоната.
На пивотменската позиција ново име е ракометарот на Прилеп, Филип Пајкоски. Тој ќе биде освежување за ова место во тимот така што тренерот Наум Танески добива на повеќе избор во нападот.
Во екипата се враќа Дејан Лазороски. Ракометарот кој игра на позицијата лево крило. Тој во последните сезони беше дел од Пролет и Бутел Скопје, па сега се враќа во редовите на клубот каде што ја почна кариерата.
Третиот ракометар кој го засилува тимот на Струга е Никола Цветаноски. Младиот лев бек доаѓа од тимот на КЛ 7, а ова е негово враќање во редовите на Струга така што уште еден стружанец одново ќе го облече дресот на тимот во кој ја почна кариерата.
Со ова ростерот на Струга ќе биде поголем, а останува да се види секако дали ќе има и уште некое ново име за уште посилна и поконкурентна Струга.