Машката кадетска репрезентација на Македонија ја запиша третата победа на Светското првенство во Хрватска, откако славеше против Австрија со 29:22 во рамки од последното коло од главната фаза.
Македонија со победата над Австрија заврши на третата позиција во групата Ц и ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место на кадетскиот Мундијал.
Селекторот на Македонија, Раде Стојановиќ, даде свое видување за досега одиграното на Светското првенство.
„Како и на секој натпревар, но за овој посебно, можам да кажам само едно големо браво на момците. Ние на ова Светско првенство знаете во каква група бевме, ова за нас беше едно јако Европско првенство, со оглед на тоа дека до сега игравме само со европски репрезентации. Видовте како поминавме со Данска и Норвешка, мечот со Австрија беше тест за нас, да го покажеме карактерот и сами видовте дека оваа генерација ќе не радува уште многу”, изјави Стојановиќ за 24Ракомет.
Македонија по настапите во главната рунда ја очекува нов предизвик, борбата за 9-то место.
„Ние на секој натпревар одиме на победа. Задоволни сме со пласманот во ТОП 12, но доколку Норвешка не ни беше прв противник во групната фаза, тогаш можеби ќе се надевавме на нешто повеќе. Ќе се обидеме да ги добиеме и останатите дуели…Нека се радува Македонија и Македонија има ракометна иднина. На ова Светско првенство добивме два играчи, пионерите Самоил Ристевски и бекот Дамјан Митев и можам да кажам дека не чека една светла иднина, но само со работа и посветеност може да се дојде до целта. Успегот е уште поголем ако се знае дека на две дена пред првенството останавме без десен бек, а се повреди и Митев кој беше еден од подобрите. Честитки за останатите што ги надополнија нивните отсуства. Да бевме комплетни, сигурно би направиле чекор повеќе напред”, вели Стојановиќ за 24Ракомет.
Следува натпревар со Унгарија, која два пати не совлада во подготвителниот период, но селекторот Стојановиќ, кој им го всади победничкиот менталитет на ракометарите, вели дека со верба, вложување и многу работи уште многу ќе се радуваме во иднина.
„Секоја победа е за нас успех, како што кажав неколку пати секоја победа не носеше и се уште не носи кон поголем успех на македонската кадетска репрезентација. Одново ждрепката не ни е наклонета, па ќе играме со Унгарија кој минатата година го освои четвртото место. Наша цел ќе биде да го задржиме ритамот и играта како на претходните натпревари од ова Светскоо првенство. Одржувањето на репрезентацијата во учество на големи натпреварувања е клучно за развојот и развивањето на играчите. Да веруваме, да вложуваме и да работиме за поголеми победи и поголеми успеси“, заврши Стојановиќ за 24Ракомет.
Дека тој, неговиот стручен штаб во кој се Бранко Ангеловски и Наум Танески, како и ракометарите не застануваат и кога натпреварот е добиен, и кога водат со висока разлика, доказ е вчерашниот меч со Австрија, кога во финишот цела сала „ечеше“ – „газете до крај“…И од трибини и од терен, а веројатно и од пред ТВ, компјутер или мобилен, очигледно е дека меѓу стручниот штаб има одлична соработка, функционира како еден и сите се надополнуваат меѓусебе…
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!
Македонија покажа сила против Австрија, го потврди местото во ТОП 12 на СП