Поранешниот репрезентативец на Македонија, Стефан Дрогришки по една и пол сезона заминува од кавадаречки Тиквеш.
Тој ќе го засили амбициозниот Охрид предводен од Горан Андоновски, кој пак соработуваше со битолчанецот во Кавадарци и одлично ги познава неговите квалитети.
Оваа полусезона Дрогришки во Кавадарци немаше голема минутажа, па реши да ја промени средината.
Во меѓувреме Турчинот Озтурк е пред преселба во Франција, па играч од типот на битолскиот бек, кој може да одговори и на левата страна ќе му дојде одлично на Охрид.
Охрид спогодбено ги раскина договорите со Тоше Ончев и Стефан Бошкоски, па сигурно ќе донесе уште еден играч од бековска линија. Тимот на Андоновски обезбеди место во плеј-офот, а таму ќе стартува без бодови.
Дрогришки потекнува од Пелистер, играше и за Металург и Еурофарм Работник.