Ракометарите на Куманово ја забележаа втората победа во плеј-аут фазата, откако на гостувањето во Струга кај истоимената екипа триумфираа со 27:22.
За Куманово ова беше втор триумф во борбата за опстанок во македонската елита, по оној во првото коло против Јуниор КВ. Струга во првото коло беше поразена од Скопје, кој денес славеше против Прилеп. Куманово и Струга на двапати се сретнаа во регуларниот дел од сезоната и тогаш двете средби ги доби тимот на Жарко Ферукоски.
Почетокот на дуелот донесе израмнета борба и игра гол за гол. Двете екипи имаа свои моменти, но и падови во првиот дел, кој мина во голема неизвесност. Домаќинот со голот на Јанкуловски го отвори дуелот, поведе со 1:0 и не искористи неколку шанси за зголемување на водството. Гостите од Куманово првиот гол го постигнаа по пет минути игра, реализатор беше Колоски, кој израмни на 1:1. По нерешените 4:4, следуваше период, во кој ситуацијата на теренот се смени и гостите за момент ја презедоа контролата на резултатот.
Куманово за првпат на натпреварот поведе во 12 минута кога Мрвовиќ со вториот гол на својот тим му донесе водство од 5:4. Ракометарите на Котевски при водство од 6:7 не успеаја да зголемат на ,,плус два”, па така домашниот тим израмни на 7:7 во 15 минута, а минута подоцна го врати водството во свои раце, поведе со 8:7. Струга беше екипата, која прва направи исчекор, успеа за првпат да поведе со два гола разлика (10:8), но упорните гости во финишот од првиот дел направија серија од 3:0, повторно го свртија резултатот во своја корист и на полувреме заминаа со предност од 11:10.
Продолжението на натпреварот започна со голот на екс ракометарот на Струга, Кастратовиќ. Црногорецот зголеми на 12:10, се разигра и најдобриот стрелец во Куманово, Мрвовиќ, проработи одбраната на гостите Куманово започна да одржуваа предност од два гола разлика. Црвен картон во 35 минута поради три исклучувања заработи кружниот напаѓач на Струга, Богдан Ѓуровиќ. Тоа беше дополнителен проблем за домаќините, бидејќи исклучениот ракометар претставуваше бедем во одбраната на домашниот табор.
Куманово во 40 минута влезе со резултатска предност од 17:14. Од тој момент гостинот беше подобриот противник на теренот. Струга никако не можеше да направи камбек во дуелот и во моментите кога требаше да се врати во игра, му дозволуваше на ривалот да казни со гол. Во последните 10 минути се влезе во неизвесен финиш, бидејќи Струга успеа да намали на 22:20. Сепак, Куманово не дозволи Струга да направи камбек, зголеми на 25:21 и го водеше натпреварот до сигурен триумф.
Најефикасни во победничката екипа беа Вучко Мрвовиќ со шест гола и новите засилувања, Владан Кастратовиќ и Никола Бечејац, кои имаа по пет реализации. Кај Струга се истакнаа Петар Бугариновиќ со шест и Тодор Јанкуловски со пет погодоци.