Србија остана без Олимпијада, конфликтот меѓу ракометарките и селекторот на виделина

Репрезентацијата на Србија не успеа да избори пласман на Летните Олимписки игри во Токио. Во квалификациските натпревари беа поразени убедливо од Унгарија и Русија, а во неважниот натпревар беа подобри од Казахстан.

Претседателката на Ракометниот сојуз на Србија, Милена Делиќ вели дека верувала во девојките и покрај тоа што ситуацијата насекаде низ светот е лоша. Истакнува дека ситуацијата помеѓу ракометарките и селекторот и била добро позната, но дека немало време за да може да дојде до смена на селекторот пред овие натпревари од квалификациите за Олимписките игри.

„Големо разочарување. Верував во девојките, без оглед на целата ситуација, верував дека со тимскиот дух, енергијата и добрата атмосфера можат да се надминат себе си. Мислев дека ќе се изборат, дека мотивот ќе биде доволен за победа барем на еден од клучните натпревари. За жал, тоа не се случи, кои се причините не знам”, вели Делиќ.

После натпреварот против Унгарија, Драгана Цвијиќ даде изјава дека работите во Ракометниот сојуз на Србија и во стручниот штаб на женската репрезентација не се баш идеални. Побара промени и повеќе внимание кон женскиот национален тим.

„На основа на нејзината изјава видов дека е најмногу лута на мене бидејќи очекуваше да се смени селекторот кога дојдов на чело на Ракометниот сојуз на Србија. Искрено, се водев по логиката дека немам време за големи промени, да се заврши еден олимписки квалификациски циклус, и по завршеното Светско првенство, сепак, имаше нешто добро во екипата. Промена на неколку денови можеби би била добра, но тоа не би гарантирал никаков пласман. Жал ми е бидејќи е многу искусна ракометарка, поголемиот дел од ракометарките се заедно околу 15 години и мислев дека можат сами да се изборат. Без оглед на погрешната тактика и лошите подготовки за Токио, беа многу промашени зицери и голем број на технички грешки, тука е самиот играч виновен”, додаде Делиќ.

Кога би имала можност да го врати времето таа би постапила поинаку и Љубомир Обрадовиќ не би бил на кормилото на Србија.

„Би го сменила сигурно без размилувања. Бев со него на подготовки, мислев дека можам да помогнам и да го тргнам, но немаше баш некоја шанса. Не сакам повеќе да ги навредува ракометарките, решив да останам и да бидам со екипата и додека бев таму не го правеше тоа”, заврши Делиќ.

Во баражот за Мундијалот во Шпанија репрезентацијата на Србија ќе игра против Словачка, а дефинитивно ќе има и нов селектор бидејќи Обрадовиќ не е повеќе на селекторската позиција после неуспешните квалификации за Олимписките игри.