Денес на Светското првенство за кадетки, на кое Македонија е домаќин, стартуваше второто коло од групната фаза. На првите денешни натпревари, репрезентациите на Шведска и Хрватска остварија убедлива победа против Алжир, односно Индија.
Репрезентацијата на Шведска, која во Македонија е предводена од селекторот на сениорките, Томас Акснер, ја оствари првата победа, откако во натпреварот против Алжир немаше поголеми проблеми, триумфираше со 24 гола разлика, 54:30 (24:13).
Со освоената победа над Алжир, ракометарките на Шведска останаа во игра за пласман во главната фаза. Шведска во последното трето коло од групата А, кое е закажано за 2 август, за противник ќе ја има репрезентацијата на Црна Гора.
Ракометарките на Хрватска, исто така ја остварија првата победа на кадетскиот Мундијал, откако во второто коло беа убедливи против репрезентацијата на Индија, со резултат 54:36 (28:21), во натпревар од групата Ц.