Селекцијата на Србија по поразот од Словенија со 27-24 ги заврши настапите на Европското првенство и се враќа дома.
Во изјавите по мечот, десниот бек Јелена Лавко жали за елиминацијата, но ги прозва домаќинките на ЕП и ги обвини за шпионажа.
„Беше тежок меч, знаевме што не чека против Словенија. Жал ми е што ривалот го снимаше нашиот тренинг со телефони и со таблети, загрижен дали ќе ја победи Србија која има четири бека…Што повеќе да зборуваме за ракометот и за спортот“, вели Лавко.
„Журнал“ пишуваше за скандалот за кој српската федерација ја информирале и ЕХФ. Избраничките на Урош Брегар во понеделникот вечерта го имале последниот тренинг пред решавачкиот натпревар против Словенија.
Во текот на тренингот, стручниот штаб забележал на горните трибини во салата картонски кутии со дупки. Српската експедиција веднаш проверила за што се работи, а откриле дека внатре има таблети и мобилни телефони, кои требало да го снимаат тренингот.
Претседателката на РСС, Милена Делиќ, вендаш ја информирала ЕХФ за тоа што се случило, а „апаратите за шпионажа“ веднаш биле отстранети. Словенечката федерација не упатила никакво извинување, ниту објаснување за постапката.
ЕХФ побарала објаснување од Словенците за што се работи, а тие се „правдале“ дека една ракометарка имала роденден, па сакале да го снимат изненадувањето, но на списокот на Словенија нема ниту една чиј роденден е на 7 ноември.
Дали ќе има некаква санкција за еден од домаќините на ЕП останува да видиме.