Македонскиот првак ЖРК Ѓорче Петров по убедливиот пораз вечерва со 30:22 од полскиот тим Јарослав е елиминиран од осминафиналето од Европскиот куп. Ракометарките на тренерот Симе Симовски, по вчерашната победа од 27:26, немаа сили во два дена да одиграат на исто ниво против искусниот ривал.
,,Честитки за противникот и за вкупната победа и пласманот во следната рунда. Тоа е тим составен од искусни ракометарки. На секоја позиција се добро покриени, имаат ротација, а Бразилката Банцилон се покажа како одлично засилување. Вчера добро париравме, можеби требаше да победиме и три разлика , но брзоплетоста, неискуството на екипата на меѓународни натпревари го направи своето. Вечерва бевме „прочитани“, а ние немавме одговор за тоа”, изјави Симовски.
За клучниот момент на денешниот натпревар и за исклучувањето на голманката Слободанка Кицеска.
,,Исклучувањето беше кобно. Ни направи и дополнителни проблеми. Сепак се боревме до крај. Од секоја победа и од секој пораз се учи, особено ако е на меѓународни натпревари. За нас останува сега домашото првенство и домашниот куп”, заврши Симовски.
Македонскиот првак во претходите две квалификациски кола успеа да мине две екипи: КА Пор од Исланд и Румс од Австрија.