Женската сениорска репрезентација на Македонија, денеска ги доби ривалите за квалификациите за бараж за Светското првенство во 2021 година во Шпанија. Македонија се најде во групата 2 со селекциите на Исланд, Литванија и Грција.
Ова е шанса за да се обезбеди место во нов бараж иако нема да биде лесно како што изгледа.
„На прв поглед изгледа како лесна група. Сепак, не смееме никого да потцениме од ривалите. Веќе имаме играно против репрезентацијата на Исланд и знаеме за каков противник се работи. Литванија е селекција со која имаме играно во младинска конкуренција, додека со Грција немаме играно. Како и да е, ќе бидеме внимателни и нема никого да го потцениме“, коментираше селекторот Симовски за 24 Ракомет веднаш после дознавањето на ривалите.
Тој вели дека овие квалификации ќе бидат шанса за да се види и со кои ракометарки ќе може да се соработува во иднина особено оние помладите кои доаѓаат на сцена.
„Во овие квалификации ќе влеземе со поставена цел. Имаме зацртано што и како сакаме да направиме и тоа од комплетното раководство на Ракометната федерација на Македонија. Размислуваме на подолги патеки, а во мислите ни се Младинското првенство на кое сме домаќини во 2021 година и потоа на Европското првенство за сениорки во 2022 година. Овие квалификации би ни дошле добро за да видиме со какви сили ќе располагаме на тоа првенство. Сакаме да го трасираме патот кон иднината и да видиме по кој пат би се движеле. Дефинитивно ова ни е шанса да видиме на кои и од помладите можеме да смеаме. Од никого не се откажуваме од поискусните, а секако шанса ќе добиваат и младите“, вели селекторот на сениорките, Симе Симовски.
Останува да се види каде ќе се игра квалификациската група, но јасно е дека ќе мора да биде даден максимумот за да се успее и да се дојде до нов бараж.