Екипата на Струга со триумфот над Радовиш од 31:21 ја запиша втората победа во плеј-аут фазата во Суперлигата и со новата победа дојде до 9 бода на свое конто.
Струга во претходното коло во неизвесен финиш го совлада Вардар Неготино и со денешната победа избега од опасната зона за испаѓање од македонската елита.
Стружани во дуелот со Радовиш беа разновидни во нападот, погодуваа од сите позиции, одиграа одлично во одбраната и покажаа дека имаат квалитет за повисок пласман.
Одлична партија во победничката екипа имаше Петар Маркоски, кој во голот на Радовиш имаше седум реализации.
,,Многу мотивирано влеговме во натпреварот со Вардар Неготино и Радовиш, посебно на денешниот дуел, и знаевме точно што играме. Можам да кажам дека клучно за победата против Радовиш беше цврстата и силна одбрана од првата до последната минута од дуелот и големата смиреност во нападот. Во следното коло играме со Јуниор КВ во Скопје, ова е едно тешко гостување, но одиме уште помотивирани и мислиме само на победа”, изјави Маркоски.
Еден од подобрите стрелци во тимот на Струга беше Никола Цветаноски со четири реализации.
Левиот бек истакна дека победата во минатото коло против Вардар Неготино имала големо влијание за денешниот втор триумф во плеј-аут фазата.
,,По четири порази во низа, победата во Неготино сигурно беше голем мотив за цела екипа и самодовербата со победата во претходното коло е очигледна кај сите играчи. Агресивната одбрана и добро организираните напади се клучни за овие две победи. Се надевам дека формата ќе биде уште на повисоко ниво, а со тоа и мотивот кај сите играчи. Доаѓа тежок натпревар, за ривал ја имаме екипата на Јуниор КВ, очекуваме цврст и борбен натпревар и ќе дадеме се од себе за позитивен резултат”, изјави Цветаноски.
Натпреварот меѓу Јуниор КВ и Струга ќе се одигра викендов, победникот од овој дуел ќе направи голем исчекор кон обезбедување опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија.