Црногорскиот репрезентативец Мирко Радовиќ, кој пет сезони го носеше дресот на Еурофарм Пелистер, одлучи да се врати во својот матичен клуб Ловќен.
Македонскиот шампион и десното крило се договорија спогодбено да ја раскинат соработката, која беше со важност за уште една сезона.
Еурофарм Пелистер преку социјалните мрежи упати збогување со довчерашниот капитен, истакнувајќи дека за играч како него вратите секогаш ќе бидат отворени.
,,Мирко Радовиќ е омилен ракометар во нашата средина, меѓу ракометарите и навивачите и неговиот квалитет и енергија секогаш ќе ни недостигаат. Во него имавме лидер, страстен професионалец и пример за помладите. Вратите во нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за Мирко Радовиќ и клубот на посебна манифестација ќе му се заблагодари за петте незаборавни години”, истакнаа од битолскиот клуб.
Радовиќ со Еурофарм Пелистер освои една Суперлига, два Суперкупа на Македонија, ги водеше ,,фармацевтите” низ европските и регионалните успеси и вгради победнички дух кој ќе му биде водилка низ кариерата.