СЕХА ќе се игра по нов систем и без ЦСКА Москва?!

Се уште не е јасно како ќе изгледа СЕХА лигата во следната сезона, но сигурно е дека ќе се игра по изменет систем во споредба со лани.

Бројката на екипите може да остане 12, но може и да се намали на 10, со оглед на тоа што покрај Пекинг Универзитет, веројатно нема да игра ниту руската ЦСКА Москва.

Тоа го најави вицепретседателот на регионалното натпреварување, Борис Сапожников, во интервју за рускиот портал „Брз Центар“.

„Ние решивме да го смениме форматот и системот на натпреварување, како и распоредот. Целта е да им се даде повеќе време за подготовка на тимовите што играат во Лигата на шампионите и националните шампионати. Тие ќе се придружат во лигата откако послабите тимови ќе бидат елиминирани. Веќе имаме некој предлог како сето тоа ќе изгледа, но се уште разговараме со клубовите. Ги усогласуваме термините и календарот без голем број на патувања“, вели Сапожников.

Според Русинот сигурни учесници во следната сезона има шест екипи, меѓу кои и двете македонски.

„Имаме проблеми со дел од учесниците. Можам да кажам дека Веспрем, Брест, Вардар, Загреб, Нексе и Еурофарм Пелистер ќе играат сигурно. Кинезите побараа пауза, а Мотор Запорожје веројатно ќе продолжи да настапува, иако мора да игра и дома. Проблемите со рускиот клуб ЦСКА Москва продолжуваат, бидејќи тие побараа да го „замрзнеме“ нивното учество со оглед на учеството во Лигата на Европа и сложената финансиска конструкција. Сакаме да има 12 тима, но можно е да се вратиме и на бројката од 10“, заврши Сапожников.

Планот е новата сезона во СЕХА да започне на 26 септември, а дополнително ќе биде познат системот и распоредот.