СЕДМЕРЕЦ: Разводот и милионот

Лошо во разделбите е кога ќе останат долговите

1.Спонзорот и брендот

Периодот од летото во кој и нема нешто многу ракометни збиднувања, освен потписи, транфери и по некоја фотка од одмори, во Македонија деновиве го раздвижија два настани – „разводот“ на Голден Арт со КЛ7 и милионот за гаранција што му „тежи“ на Вардар.

Неофицијално, уште пред неколку месеци кога „спонзорот“ и „брендот“ се размининаа на Собранието на РФМ, беше јасно дека нешто не оди како што треба во големиот проект за кој, да бидеме искрени дури и Супер лигата експресно се прошири. Официјално, раздружувањето на Кире Лазаров со клубот кој сезонава не успеа да го задржи подарениот суперлигашки статус беше обелоденето деновиве.

Спонзорите со дел од раководството и луѓе кои до скоро беа блиски соработници на Лазаров на прес конференција објавија дека се раздружуваат со брендот КЛ7 и продолжуваат во Прва лига најверојатно како РК Голден Арт. Се пожалија дека со Лазаров немале комуникација или дека таа престанала од некоја причина некаде во текот на сезоната. Паднаa и помалку тешки зборови од типот „тој си замина и можеби мислеше дека со тоа клубот ќе престане да постои, но ние сме премногу сериозни како луѓе и бизнисмени за да дозволиме такво нешто…“

На тоа Кире Лазаров како единствен сопственик и идеен творен на брендот КЛ7, во официјално соопштение им се заблагодари за  соработката и им посака „многу успех и уште многу општествени проекти во иднина“.

Така, релативно брзо и неславно заврши еден убаво замислен проект во кој пред се поради брендот и тоа што значи Кире Лазаров во ракометот, многу млади ракометари ја  гледаа својата иднина.

По „разводот“ патиштата се разделуваат и сега секој тргнува по свој правец. Клубот со спонзорите кои неофицијално, во меѓувреме побареле нов бренд, официјално се екипираат за новата прволигашка сезона, со амбиција за брзо враќање во Супер лигата.

Брендот КЛ7 пак, останува заштитен знак на школите и на кампот зад кои природно стои Кире Лазаров со своето искуство и реноме како играч и капитен, а сега и како македонски селектор. Наскоро можеби и како дел од еден нов проект.

Такви се барем најавите. Ќе видиме за ден-два…

2.Стари долгови, нови камати

Лошо во разделбите е кога ќе останат долговите. Лани брендот Вардар се раздели со спонзорот Самсоненко, арно ама останаа неисполнетите ветувања и милионските долгови кои сега може скапо да го чинат поранешниот европски шампион.

Европската ракометна федерација лани предупреди (додуша предупредувањето се однесуваше за долговите на стариот сопственик и спонзор, Сергеј Самсоненко за кои тој потпишуваше нотарски гаранции), а годинава презеде и конкретни мерки за расчистување на ситуацијата. Но, со мерките ЕХФ удри не по виновникот, туку по спасителот. ЕХФ од Вардар 1961 побара да депонира 1 милион евра како гаранција и услов за настап во Лигата на шампионите во претстојната сезона.

Може ли двојниот европски шампион да остане без настап во европските купови? Не би требало, но не е ни исклучено.

Вардар веќе беше вклучен во ждрепката и доби место во групата А од Лигата на шампионите за следната сезона, но сепак останува милионот како обврска.

До утре треба да биде комплетирана документацијата за сите учесници во ЛШ, а до 27 јули да биде уплатен депозитот од милион евра. Во спротивно, Вардар ќе остане без настап во ЛШ, а Горење ќе влезе како прва замена на негово место.

Да биде маката за македонскиот ракомет уште поголема, не е само Вардар условен и неизвесен за Европа, туку „виси“ и настапот на Металург во Европската лига. Според информациите од раководството на клубот од Автокоманда, ЕХФ од Металург како гаранција побарала депозит од 50.000 евра, во спротивно ќе остане без настап во Европската лига.

И Металург и Вардар сега се најдоа во незавидна и неизвесна ситуација поради старите долгови и пријави од поранешните играчи во ЕХФ. Во Вардар малку со понов датум, во Металург некои уште од старта криза во 2014.

3.Кој ги „дави“ Вардар и Металург?

Зошто сега и зошто одеднаш и двата најуспешни македонски клуба на европска сцена во изминатите 10-15 години, неочекувано се најдоа на тапет и на раб на суспензија од европските настапи?

Можеби ЕХФ конечно реши да расчисти со ваквите ситуации и да ги заштити играчите и тренерите од газдите должници? Ако е принцип еднаков за сите, тогаш тоа донекаде е во ред.

Иако, треба да се разграничи дека новите депозити не ги покриваат старите долгови, туку се одредена гаранција дека ќе нема такви ситуации во иднина.

Но, од друга страна, Вардар и Металург без предупредување, кога веќе потпишаа играчи и тренери за новата сезона, одеднаш се втурнати во условена позиција.

Со оглед на актуелната пандемиска ситуација, плус финансиска криза, овие депозити може да бидат погубни за двата клуба, ако до рокот не успеат да ги обезбедат парите. А тие, ќе признате, ич не се малку, посебно милионот за Вардар.

Каква е улогата на РФМ во целата ситуација? Ќе застане ли националната федерација како гарант зад двата клуба кои во изминатите години беа најистакнати македонски претставници во европските купови и го билдаа рејтингот на Македонија на клупската ранг-листа? Или ќе ги пушти низ вода да се снаоѓаат како знаат. Па, и да се „удават“, ако не најдат пари до 27-ми!

Што ќе биде ако Вардар и Металург, и покрај изборениот пласман сепак останат без право за настап во европските купови?

Ако не игра Вардар, Македонија ќе остане без претставник во Лигата на шампионите. Во понискиот ешалон, РК Бутел како петтопласиран во Супер лигата, „запишан“ е како прва резерва за настап во првото квалификациско коло во Европската лига, ако таму не биде Металург.

Во најлош случај, рејтинг-бодови за Македонија во европските купови во машка конкуреција за следната сезона ќе остане да собираат Еурофарм Пелистер со директен пласман во групната фаза во Европската лига и Пролет и Бутел кои прво ќе треба да го поминат филтерот во квалификациите. А, потоа, здравје, ќе видиме што ќе биде.

Не изгледа баш како некое среќно сценарио…