Тренерот на Металург „падна“ во Пролет, тренерот на Пролет „падна“во Автокоманда, па на крај во Пролет заврши еден од поранешните на Металург...
1.Седни-стани на македонските клупи
Се моли РФМ да воведе преоден рок за тренери. Не може вака, кафе на раат не можеш да испиеш, а тројца веќе се смениле!
Ова е на шега, се разбира.
Ама не е шега дека смените на клупите во македонскиот ракомет сезонава се случуваат како на филмска лента, по онаа стара изрека применлива и во новото дигитално време. Од почетокот на јануари досега имаме шест-седум тренерски смени во тимовите од Супер лигата и плус две селекторски, прво во машката, па потоа и во женската репрезентација на Македонија.
На репрезентативен план, во машката репрезентација по јануарскиот настап на СП во Египет, од селекторска функција беше разрешен Данило Брестовац и на негово место назначен Кирил Лазаров во двојна улога.
Два месеци подоцна имаме промена и на клупата на македонската женска репрезентација. По двата порази од Романија во баражот за СП 2021, Симе Симовски повеќе не е селектор, кој ќе го наследи на клупата засега се уште е отворено прашање. Во првичните прогнози највисоко котира нашиот Французин, Маријан Колев.
На клупски план, во тренерските смени Металург засега е рекордер „екипно“. На клупата во Автокоманда сезонава се сменија вкупно четворица тренери. Сезоната ја почна со Зоран Кастратовиќ, продолжи со Оливер Димитриоски, на кратко како замена се вклучи Владимир Глигоров, а сега „металурзи“ во плеј-офот ги предводи Иван Марковски.
Поединечно најмногу македонски клупи во тренерската кариера има сменето Андон Бошковски. На полусезона Бошковски заврши со КЛ7, а потоа го презеде Радовиш што ќе му дојде вкупно осми клуб од македонската Супер лига. Претходно Бошковски беше тренер и на Струга, Еурофарм Пелистер, Работнички, Вардар, Металург и на Младост Богданци.
Најбрза замена на тренери пак има Пролет. Меѓу вестта за отпуштањето на Матлиески и назначувањето на Кастратовиќ, според новинарските објави, има точно 14 минути!
2.Кој каде на место кого
Со една селекторска и две тренерски смени, изминатава седмица беше најфреквентно. Но, по системот „на ти го – дај ми го“ само годинава има уште неколку тренерски преселби од еден во друг клуб во македонската Супер лига.
Тиквеш во јануари му се заблагодари на Томче Петрески и на негово место за пролетниот плеј-аут го ангажира Горан Андоновски, кој најголем дел од кариерата има поминато на клупата на Охрид. Петрески, кој претходно беше тренер на Прилеп и на Пелистер, во завршните неколку круга од плеј-аутот ќе го предводи тимот на Младост.
Голден Арт КЛ7 по смената на Андон Бошковски на негово место го назначи Игор Котевски кој претходно беше на клупата на Металург 2. Бошковски пак, во меѓувреме го презеде Радовиш.
Пролет како што е веќе споменато, реши да менува пред завршницата од суперлигашкиот плеј-оф и на местото на Матлиески експресно го назначи Кастратовиќ. Познатиот стратег сезоната ја почна со Металург, а ќе ја заврши со Пролет.
3.Пролет во Автокоманда
Интересна е оваа конекција меѓу двата скопски клуба од повеќе аспекти. Ако ви текнува, токму Пролет беше фатален за две тренерски смени во Металург во последниве две сезони. По ремито со Пролет во „Македонско сонце“ отказ во Металург во октомври 2019 доби тренерот Дамир Стојановиќ, а неодамна истата судбина го снајде и Оливер Димитриоски.
Во петокот пак се сврте тркалото на другата страна. Поразот од Металург во Автокоманда, беше причина за тренерска смена во Пролет. Или повод, ако сакате, со оглед на супер брзата замена.
Тренерот на Металург „падна“ во Пролет, тренерот на Пролет „падна“ во Автокоманда, па на крај во Пролет заврши еден од поранешните на Металург. Впрочем, и Матлиевски пред неколку години во Пролет дојде од Металург. И Кастратовиќ по Металург доаѓа во Пролет. А, Пролет од Металург сезонава го зеде и помошниот тренер Алексо Лембанов и десниот бек Никола Потиќ.
Пролет славеше сензационална победа против Металург во „Македонско сонце“ на стартот од плеј-офот, Металург возврати во Автокоманда и ја врати неизвеснота на почетокот од вториот круг.
Супериорната победа одново го враќа Металург во игра за место во „четворката“ за излез во Европа. Она што го прикажаа „металурзи“ прво во дуелот со Вардар, а потоа и во возвратната со Пролет е всушност, тоа што се очекува од тимот од Автокоманда, можеби и малку пребрзо „отпишан“ по лошиот старт во плеј-офот. Во завршницата борбата одново се разгорува.
4.Доаѓа ли Вујо во Вардар?
По сите тренерски смени што ги истеравме сезонава, почнавме да ги бараме и таму каде што засега ги нема. Да бидеме подготвени за секој случај. Нормално, Вардар тука е најинтересен субјект. Јавноста неколку пати сезонава го „менува“, но Стевче Алушовски дефинитивно останува на клупата на Вардар. До крајот на сезоната тоа е сигурно, за понатаму може да, а може и не. Алушовски ја има довербата, но Вујо сепак е отворена опција, според тоа што може да се прочита во последното интервју на првиот човек на „црвено-црните“, Михајло Михајловски.
„ Неспорно е дека Вујо го сака Вардар и јас ќе разговарам со него и ќе видам каде може да се најдеме во таа соработка. За оваа година му ветив на Алушовски шанса и му ја дадов, дали ја искористи комплетно или не, резултатите кажуваат“, рече Михајловски.
Прилив и одлив во составот на Вардар ќе има и оваа сезона, дел веќе и официјализирани. Што ќе биде на клупата, ќе видиме.
Стевче има доверба, Вујо го сака Вардар, ама и Динамо Букурешт го сака Вујо….