СЕДМЕРЕЦ: Вардар-Вујо-Комити

Одново „кликна“ тројниот пакт за победа во скопско-битолска пресметка

1.Вардар сигурен, Вујо задоволен

Се врати Вујо на клупата, се вратија „комити“ на трибините и стариот препознатлив колорит, дерби на терен… Безмалку исто како некогаш, одново „кликна“ тројниот пакт Вардар-Вујо-Комити.

И се славеше првата дерби победа во одново подгреаното скопско-битолско спортско ривалство. Можеби само малку помирно од порано. Помудри со годините или малку одвикнати од галама со короната, тоа набрзо ќе видиме.

Вардар е сепак, малку погоре од другите. Тоа е првиот впечаток по првото суперлигашко дерби во кое шампионот Вардар релативно лесно го победи вицешампионот Еурофарм Пелистер и по четири кола се издвои сам на врвот.

Па, и не е лошо што се вратија сехалигашите во домашната Супер лига. И тоа доаѓа како впечаток по првото дерби кое веќе и дава друг лик и квалитет на македонската Супер лига.

И со „клаузулата за странци“ и со впечаток дека на „црвено-црните“ добро би им дошол уште еден среден „ала Кара“ бек, Вардар во најголем дел беше супериорен и доминантен во пресметката со Еурофарм Пелистер кој во суперлигашкото друштво е најблиску до шампионот, по буџет и по квалитет.

И додека Филип Талески со три проектили во серија невообичаено самоуверено го реши дербито во финишот, вртев одново да ја преслушам онаа претсезонска изјава на Вујо, на која многумина не веруваа затоа што тој цврсто веруваше дека Тале може да се крене. Во изјавата, сочувана да се најде некогаш „за проверка“ дали Вујо се уште добро типува, еве што вели тој за потенцијалот на Филип Талески:

„Тој е едно големо дете на кое му треба да почувствува сигурност и сигурен сум дека тогаш може да даде многу повеќе, малку по малку…Не велам дека со Вујо ќе биде 200 отсто, но сум играл на таа позиција, ја познавам психата на играчите и сигурен сум дека ќе напредува“.

По враќањето во Вардар, Вујо му даде целосна поддршка на Талески во не баш поволниот период од неговата кариера.

Малку по малку, што би рекол Вујо, ама резултат си има. И тоа е добро и за Вујо, и за Тале и за Вардар и за македонската репрезентација.

2.Металург на дното – и буквално и табеларно

Малку по малку, Металург дојде до дното. И буквално и табеларно, по четвртиот суперлигашки пораз во серија каква што тимот од Автокоманда не памети во поновата историја.

„Металурзи“ сезонава се далеку од онаа некогашна позиција кога беа дел од дербито на врвот. Поранешниот македонски шампион сега стигна до дерби на дното, и во него загуби! Четвртиот пораз од Тиквеш, го закова Металург на последната позиција на табелата, единствен без освоен бод по првите четири кола во Супер лигата.

Финансиската криза, речиси без исклучок, станува и резултатска, порано или подоцна. А, на Металург сега му се случува и едната и другата.

Тимот од Автокоманда го има Хорват како екстра квалитет, како имиџ и заштитен знак од една страна. Но, од друга страна има преполовен, делумно нераздолжен и во голем дел, се понезадоволен тим.

Дали Металург во изминатите две сезони со скапите засилувања ја пружи ногата подолго од чергата или пак тоа беше единствен начин да остане некако во игра?

Одговорот останува дилема за дискусија.

Дали и колку може да се санира ситуацијата во или по сезона со откажан настап во Европа и поразителна серија дома?

И тоа е за дискусија.

Дали Металург во блиска иднина ќе се врати на она што беше „проект“ пред неколку години – млад перспективен и не толку скап домашен тим?

И тоа сега е веќе дискутабилно со оглед на зголемената побарувачка и на сериозната конкуренција која веќе собра поголем дел од „перспективните“ и „надежните“.

Перспективата на Металург пак, од дното, е се потешка и понеизгледна. Освен, ако на крај, сепак не се бара спас во некоја фузија.

3.Радуловиќ во 2021 како да е 2001!

Викендов имавме уште еден куриозитет во македонскиот ракомет и уште еден доказ за она „годините се само бројка“.  Овој пат во женската лига и во „режија“ на поранешната репрезентативка, Валентина Радуловиќ.

Кире игра врвен ракомет на 41, но Вале не се дава ни на 46! Единствената македонска ракометарка што има освоено две титули во Лигата на шампионите, викендов повторно истрча на терен. Радуловиќ како играч-тренер, го облече дресот на Шампион и постигна пет гола во победата на својот тим на гостувањето во Битола против Феникс.

Се видовме ден пред тоа. Со истата насмевка и енергија како пред дваесет и кусур години, ми вели – „можам, ќе играм!“

И, навистина заигра.

Тие што следат ракомет, знаат каков играч и каков борец беше Радуловиќ на терен. Кој знае, можеби таква енергија и упорност е она што денес му недостасува на македонски женски ракомет и на македонската лига во која еве денес и ракометарка на 46 дава по 5 на меч!